Нема простор за паника во Македонија околу мајмунските сипаници, откако се појави еден случај со заболен во Косово, вели директорот на Инфективната клиника во Скопје, д-р Фадил Цана. Директорот вели дека во земјава досега нема регистрирано случај на мајмунски сипаници, а ако се појави, вели дека се подготвени и дека имаме стручњаци добро запознати со болеста.
„Кај нас нема. Запознат сум со случајот, имав долг разговор со директорот на Инфективната клиника во Приштина. Пациентот е стабилен, сѐ е под контрола во моментов. Станува збор за изолиран случај на граѓанин на Косово, кој работел подолго време во странство. Не е автохтон, туку е импортиран случај. Граѓаните кај нас може да бидат мирни. Нема простор за паника“, вели д-р Цана.
Според директорот, надлежните имаат капацитети да се справат ако и кај нас дојде оваа болест.
„Апсолутно сме подготвени во случај и кај нас да се појави лице со мајмунски сипаници. Може да се справиме со такви случаи. Имаме експерти, тоа е поле на Инфективна клиника, така што, болеста како болест ни е позната и сѐ што може да се преземе околу тоа“, вели директорот на Инфективната клиника.
Преносот на мајмунски сипаници од човек на човек може да се случи преку контакт со заразен материјал од повреда или течности од кожата, устата или половите органи, вклучително и преку допирање, близок контакт и полова дејност. Може да се распространува и преку воздушен-капен пат при зборување, кашлање или кивање.
Мајмунски сипаници се вирусна болест преизвикана од истоимен вирус, а која е регистрирана во повеќе земји од Централна, Западна Африка, Европа, Америка и Канада. Извор на заразата е заболено животно или човек. Симптомите се слични како и за другите сипаници: температура, трески, главоболка, мускулни болки, болка во грбот, отечени лимфни јазли, замор, исип. Периодот на инкубација е од 5 до 21 ден зависно од патот на пренесување и изложување на болеста. Компликациите можат да бидат секундарни инфекции, бронхопневмнија, енцефалитис, инфекција на рожницата на окото со губење на видот и сепса.