НОРВЕШКИОТ ШАХОВСКИ ВЕЛЕМАЈСТОР МАГНУС КАРЛСЕН СИ ЗАМИНА ОД СВЕТСКОТО ПРВЕНСТВО ОТИ НЕ МУ ДОЗВОЛИЈА ДА НОСИ ФАРМЕРКИ

    НОРВЕШКИОТ ШАХОВСКИ ВЕЛЕМАЈСТОР МАГНУС КАРЛСЕН СИ ЗАМИНА ОД СВЕТСКОТО ПРВЕНСТВО ОТИ НЕ МУ ДОЗВОЛИЈА ДА НОСИ ФАРМЕРКИКарлсен платил казна од 200 долари, но, тој одби да ги смени панталоните пред да се откаже од натпреварот во Њујорк. (Фото: X)

    Најдобро рангираниот шахист Магнус Карлсен го напушти Светското првенство во брзопотезен шах, откако одби да ги пресоблече фармерките што ги носеше на натпреварувањето, соопшти Меѓународната шаховска федерација. Федерацијата во петокот објави дека нејзините прописи вклучуваат кодекс на облекување што им забранува на учесниците да носат фармерки на настанот.

    „Главниот арбитар го информираше Карлсен за прекршувањето, му изрече казна од 200 долари и побара тој да ја смени облеката“, се вели во соопштението на федерацијата објавена на нејзината веб-страница. „За жал, Карлсен одби, и како резултат на тоа, тој не беше во пар за деветто коло. Оваа одлука е донесена непристрасно и се однесува подеднакво за сите играчи“.

    34-годишниот норвешки шаховски велемајстор во видеото од неговата шаховска апликација „Тејк тејк тејк“ што го објави на социјалната платформа X, рече дека прифатил казна од 200 долари. Но, тој одби да ги смени панталоните пред да се откаже од натпреварот во Њујорк.

    „Реков: „’Ќе се сменам утре ако е во ред’. Но, тие рекоа: ‘Па, мора сега да се пресоблечеш’. Во тој момент тоа стана малку прашање на принцип за мене“, рече Карлсен во видеото.

    Федерацијата во своето соопштение рече дека кодексот на облекување е „дизајниран да обезбеди професионализам и правичност за сите учесници“. Во него се вели дека колегата Ијан Непомнијашчи исто така бил казнет претходно во петокот поради прекршување на кодексот на облекување со носење патики.

    „Сепак, Непомнијашчи се согласи, се пресоблече во одобрена облека и продолжи да игра на турнирот. Овие правила важат со години и се добро познати на сите учесници и им се соопштуваат пред секој настан“, се вели во соопштението.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира