Тетовските оџи и џамиските одбори од Тетовското муфтиство се противат на одлуката донесена од реисот на Исламската верска заедница Хаџи Хадис Шаќир Ефенди Фетаи, со која се назначува нов муфтија на Тетовското муфтиство. Велат дека одлуката, со која беше разрешен дотогашниот тетовски муфтија и назначен нов, била незаконска и неуставна според уставот на ИВЗ и бараат таа да се повлече бидејќи така сакало мнозинството во Тетовското муфтиство.
„Претставниците на огромното мнозинство оџи и џамиски одбори на Муфтиството во Тетово во март 2024 се сретнаа со вас, кога ви го доставивме списокот на потписи на огромното мнозинство и побаравме да ги повлечете неуставните и незаконски одлуки за разрешување и именување на муфтијата на Тетово. Вие нѐ игнориравте и не ни одговоривте. Во август 2024 повторно дојдовме пред Ријасетот и ви доставивме писмено барање, но вие нѐ игнориравте и не ни одговоривте. Денеска повторно од ова место пред Муфтиството во Тетово бараме од вас Рејс Улулема да ги прифатите нашите барања за повлекување на неуставната и незаконска одлука за разрешување на нашиот муфтија, професор д-р Ќани Ефенди Несими“, изјави Ирфан Емурлаи од Тетовското муфтиство.
Спорот помеѓу ИВЗ и Тетовското муфтиство, кое е едно од најголемите во Македонија, трае повеќе месеци и досега ИВЗ воопшто не реагираше на барањата на тетовските оџи да се повлече одлуката со која е назначен нов тетовски муфтија.
З. АНДОНОВ