Јужнокорејските власти ја засилија истрагата за падот на авионот на „Џеџу ер“ викендов, додека семејствата на загинатите ги притискаат да дадаат повеќе информации за најсмртоносната авионска несреќа во историјата на земјата.
Авионот „боинг 737-800“ се излизга од пистата при слетувањето на аеродромот „Муан“, по што удри во ѕид и се запали. Притоа загинаа сите 175 патници и четворица од шестемина членови на екипажот.
Министерството за транспорт објави дека се пронајдени „црните кутии“ од авионот, но на една ѝ недостига клучен конектор, па властите ќе имаат проблеми да извлечат податоци од неа.
Истражителите како можни фактори за падот испитуваат дали имало удар на птици, дали некој од контролните системи во авионот бил оневозможен и очигледното брзање на пилотите да се обидат да слетаат веднаш по прогласувањето вонредна состојба, рекоа официјални лица.
Експерти од воздухопловството укажуваат и на необичниот бетонски ѕид на крајот на пистата, во кој авионот удрил пред да се запали.
„Доколку оваа пречка не беше таму, авионот веројатно би успеал да запре и сите во него би преживеале. За жал, ѕидот е причината поради која сите загинале“, изјави Дејвид Лирмаунт, експерт за безбедност во авиосообраќајот.