Јана прооде дури откако ја зедовме, а имаше пет и пол години, сега ќе прави десет и ќе ја чуваме додека сме живи, рече Пенелопе Марковска од Крушево, чие семејство го има згрижено девојчето со Даунов синдром веќе четири и пол години.
„Јана ни го промени животот, многу сме среќни. Од душа ни дојде да бидеме згрижувачи. Моите деца посакаа да имаме згрижено дете, синот ми е 30, а ќерката 27 години, мажена е. Јана ни донесе голема радост во семејството, си ја сакаме како наша. И таа е многу приврзана со нас. Ја носиме во редовно училиште во Крушево и во специјално училиште во Битола. Додека сме живи ќе ја чуваме“, рече Марковска која денеска присуствуваше на кампањата „Поддршка за згрижувачките семејства“ во Битола.
Крушево е на врвот од трите пелагониски општини по број на згрижувачки семејства, односно 21 семејство има згрижено 27 деца. Втор е Прилеп со 18 семејства и 20 деца, а на дното е Битола каде се згрижени само две деца во две семејства што е одвај и поместување на бројката со оглед на тоа дека пред неколку години немаше ниеден згрижувач.
Крушевчаната Домница Петровска има 55 години, две возрасни деца, а веќе осум години го има згрижено и Благој, дете со Даунов синдром. Секој ден патуваат за детето да може да ги добие потребниот треман и образование во Основното училиште со ресурсен центар „Кочо Рацин“ во Битола.
„Сум доживеала многу големи несреќи и си реков, бог е тој што ми удоволи да продолжам со семејството и тоа ме поттикна и јас нешто да направам за некој друг. Благојче е дете без родители и родителска грижа и се обидов да му дадам сѐ она што нему му недостасува. Згрижувањето ме исполнува. Се трудам да му удоволам сè, да му ја пружам мајчинската љубов која ја нема, а и семејната атмосфера. Благој е ученик во трето одделение и напредокот што го постигнува ме прави да бидам секој ден посреќна“, рече Петровска.
Во државата има над 360 згрижувачи кои пружаат грижа за 605 деца. Во регионот на Битола, Прилеп и Крушево над 45 семејства со над 50 згрижени деца.
Заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски ,најави дека годинава сериозно ќе размилуваат за зголемување на паричниот надоместок што го примаат згрижувачките семејства.
„Кампањата ќе ја продолжиме за да се зголеми бројот на згрижувачки семејствата. Овие семејства земаат над 18.000 денари месечно, зависно од бројот на згрижени дечиња и дали се само без родителска грижа или и со одредена попреченост. Размислуваме сериозно во 2025 година ревидирање и на овој систем зашто сите трошоци се покачени изминатите години, а оваа сума што ја земаат згрижувачите не е покачена со години“, рече Велковски.
Во Македонија има семејства кои и по 15 години се згрижувачи на деца без родителска грижа и со попречености. Денеска, во рамки на кампањата „Поддршка за згрижувачките семејства“ остварена во соработка на маркетот „Веро“ и Министерството за труд и социјална политика, на згрижените деца од Битола, Прилеп и Крушево им беа доделени новогодишни пакетчиња.
Ж. ЗДРАВКОВСКА