Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен ги откажа сите нејзини активности во наредните две недели поради ‘тешка пневмонија’, соопштија од нејзиниот кабинет.
Портпаролот Стефан де Керсмекер наведе дека распоредот на Фон дер Лајен е исчистен од активности.
Таа требаше да ја посети Варшава за да го одбележи почетокот на претседателството на Полска со Советот на ЕУ на гала церемонија. Фон дер Лајен, исто така, требаше да одржи говор во Лисабон, Португалија.
„Таа се бори со тешка пневмонија“, кажа портпаролот, без да открие детали за нејзината состојба.
На 66 години, Фон дер Лајен само што го започна нејзиниот втор петгодишен мандат на чело на Европската комисија.