Матичните лекари и терциерното здравство работат доста со пациентите, а во секундарното здравство забележуваме дека имаме доволно доктори, а недоволен број на третирани пациенти, рече денеска министерот за здравство Арбен Таравари. Поликлиниките и клинките се институции во секундарното здравство, а болниците во терцијарно.
На новинарско прашање каква е состојбата со рентген апарати во јавното здравство, откако вчера на социјалните мрежи се ширеше објава на матичен лекар дека или нема термини или не работат апаратите, министерот рече дека скоро и да нема болница во земјава која нема исправен рентген апарат, освен по некој здравствен дом.
„Немам информација дека не работат рентген апаратите, повеќето функционираат. Се согласувам дека повеќето пациенти, и тие што треба и тие што не треба се испраќаат на Клиниката за детски болести. Децентрализацијата што ја промовираме во здравствениот систем е во тој правец. Повеќето пациенти што може да се третираат во внатрешноста на државата да се третираат таму. Матичните педијатри да не ги испраќаат сите на Детската клиника во Скопје, секако освен неопходните. Според бројките од ‘Мој термин’, мора да најдеме начин како да ги задржиме пациентите во секундарното здравство“, рече Таравари по промоција на инвестиција од приватна фирма на Клиниката за детски болести.
Таравари кажа дека во случајот со смртта на 7-месечното бебе, Комисијата во Министерството за здравство утврдила дека нема лекарска грешка.
Министерот најави дека се разговара за Управата за елекстронско здравство „Мој термин“ и специјализантите да имаат пристап до системот и тие да пишуваат извештај, не само специјалистите, како и дека со Лекарската комора се подготвуваат и тие да добијат печати.
Б. НЕСТОРОСКА