ПОСЛЕДИЦИТЕ ОД ПОЖАРИТЕ ВО ЛОС АНЏЕЛЕС СЕ КАТАСТРОФАЛНИ ОТИ ВЛАСТА ДОЗВОЛУВА ДА СЕ ГРАДИ ВО ПОЖАРНИ ЗОНИ

    ПОСЛЕДИЦИТЕ ОД ПОЖАРИТЕ ВО ЛОС АНЏЕЛЕС СЕ КАТАСТРОФАЛНИ ОТИ ВЛАСТА ДОЗВОЛУВА ДА СЕ ГРАДИ ВО ПОЖАРНИ ЗОНИСе градат куќи длабоко во пожарните зони, знаеме дека тие се пожарни зони, знаеме дека се опасни, а сепак Градското собрание и окружните власти постојано даваат дозволи за градење на местата со сè поголеми и поголеми ризици, велат ексертите. (Фото: АП)

    Пожарите во областа Лос Анџелес се најлошото сценарио предизвикано од силните ветрови кои доаѓаат по месеци без дожд. Експертите за пожари, минатите анализи и проценките на ризик – сите предвидуваа катастрофа од шумски пожар до одреден степен. Географијата и временските услови на погодениот регион, во комбинација со климатските промени и напливот на градење приградски населби во областите подложни на пожари, создадоа ранлива ситуација.

    Бројот на загинати во пожарите во Лос Анџелес се зголеми на десетмина, а речиси 10.000 структури се уништени, додека округот продолжува да се бори со пет активни пожари, на кои сила им даваат пустински ветрови. Пожарите принудија речиси 180.000 луѓе да се евакуираат, прекинаа струја на речиси половина милион клиенти и изгореа илјадници домови.

    „Сосема предвидливо“, вели Чар Милер, професор по еколошка анализа и историја на колеџот Помона.

    „Се градат куќи длабоко во пожарните зони. Знаеме дека тие се пожарни зони, знаеме дека се опасни, а сепак Градското собрание и окружните власти постојано даваат дозволи за градење на местата со сè поголеми и поголеми ризици. Сите фактори што не сакате да ги видите се комбинирани“, вели Милер.

    Ризикот од шумски пожари за куќите во округот Лос Анџелес е поголем отколку во 99% од окрузите во САД. Пацифик Палисејдс, Холивуд Хилс и Алтадена, три области каде горат пожарите, имаат „многу висока сериозност на опасност од пожар“, според мапирањето од пожарникарската служба во Лос Анџелес и државата.

    „Не беше прашање дали, туку кога. Но, ова е на врвот на она што можеше да се случи“, рече Џо Скот, главен научник за пожари во „Пирологикс“, консултантска компанија за ризик од шумски пожари која работеше на федералната анализа.

    По пожарот Вулси во ноември 2018, анализата ги согледа проблемите што личат на оние со кои се соочуваат пожарникарите денес. Тој пожар се проширил од планините Санта Моника кон куќите на брегот на Малибу, принудувајќи 250.000 луѓето да се евакуираат. Уништени се повеќе од 1.000 домови во окрузите Вентура и Лос Анџелес.

    „Јавноста има перцепција дека јавните агенции секогаш можат да ги заштитат. Како што покажува инцидентот со големината на пожарот Вулси, тоа не е секогаш можно“, се вели во анализата, која ги пофали надлежните за брзата реакција и ограничување на бројот на смртни случаи на три.

    Дури и додавањето повеќе противпожарни возила и преземањето чекори за подобра подготовка на куќите за потенцијални пожари, можеби нема да биде доволно за да се заштитат новите градби во областите подложни на пожари, заклучува анализата. „Дури и ако тековниот временски циклус на пожари престане, тој ќе се врати“, се вели во анализата по пожарот во 2018.

    Предвидувањата се потврдија оваа недела: Шефот на противпожарната служба на округот Лос Анџелес, Ентони Мароне, во средата изјави дека едноставно нема доволно пожарникари да се справат со ситуацијата, со оглед на временските услови.

    МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА И ОВА:

    Скопје е во хаос затоа што урбанистите им ги цртаат желбите на моќниците

    СЛЕДЕТЕ ГО И НАШИОТ ЈУТЈУБ КАНАЛ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира