Администрацијата на Џо Бајден го воведе најширокиот пакет санкции чија цел се приходите на Русија од нафта и гас, во обид да им даде предност на Киев и на идната администрација на Доналд Трамп во преговорите за постигнување мир во Украина. Овој потег треба да ги намали приходите на Русија од нафтата за војната што започна во февруари 2022.
„Ова се досега најзначајните санкции против енергетскиот сектор на Русија, најголемиот извор на приходи за нејзината војна во Украина“, кажаа од Белата куќа.
Американското министерство за финансии воведе санкции против руските компании „Газпром“ и „Сургутнефтегас“ кои ископуваат, произведуваат и продаваат нафта и против 183 бродови со кои се превезува руската нафта. Многу од овие танкери биле користени за транспорт на нафтата во Кина и Индија.
„Целта на санкциите е да се погодат сите етапи од производството и од ланецот на дистрибуцијата на руската нафта. Ова би можело да ја чини Русија милијарди долари месечно ако се спроведува ефективно“, кажаа од Белата куќа.
Санкциите се однесуваат на производителите на нафта, танкерите, посредниците и на пристаништата.