Беше 20:25 часот во понеделник во ноември 2020 година, кога Каролин Даријан го доби телефонскиот повикот кој промени сè. Од другата страна на линијата беше мајка ѝ Жизел Пелико.
„Таа ми објави дека тоа утро открила оти [татко ми] Доминик ја дрогирал околу 10 години за да можат разни мажи да ја силуваат“, се сеќава Даријан во ексклузивното интервју за Ема Барнет на програмата „Тудеј“ на “Би-Би-Си Радио 4“.
„Во тој момент го изгубив она што беше нормален живот“, вели Даријан, која сега има 46 години. „Се сеќавам дека викав, плачев, дури и го навредував“, вели таа. „Тоа беше како земјотрес, цунами“.
Доминик Пелико беше осуден на 20 години затвор на крајот на историското судење во декември, кое траеше три и пол месеци.
Повеќе од четири години подоцна, Даријан вели дека нејзиниот татко „треба да умре во затвор“.
Педесет мажи кои Доминик Пеликот ги регрутирал преку Интернет за да ја силуваат и сексуално да ја нападнат неговата несвесна сопруга Жизел, исто така се осудени на казна затвор.
Тој бил фатен од полицијата дека им ѕиркал под сукња на жени во супермаркет, што ги навело инспекторите да го погледнат поблиску. На лаптопот и телефоните на навидум безопасниот дедо во пензија, тие пронајдоа илјадници видеа и фотографии од неговата сопруга Жизел, очигледно онесвестена, силувана од непознати лица. Покрај тоа што прашањата за силување и родово насилство беа ставени во центарот на вниманието, судењето исто така го истакна и малку познатото прашање за напад со помош на лекови или дрога – употребата на хемиски супстанци за манипулирање со волјата на една личност, предизвикувајќи неспособност или несвесност што го олеснува криминалното дејствие.
Каролин Даријан вели дека нејзина животна борба е да се бории против хемиското злоставување, за што се смета дека е недоволно пријавено бидејќи мнозинството жртви не се сеќаваат на нападите и можеби дури и не сфаќаат дека биле дрогирани.
![](https://sdk.mk/wp-content/uploads/2024/12/Screenshot-2024-12-19-134434.png)
Жизел Пелико стана симбол на борбата против сексуално насилство зашто одби судењето да се одвива зад затворени врати (Фото: АП)
Во деновите што следеа по судбоносниот телефонски повик на Жизел, Даријан и нејзините браќа, Флоријан и Дејвид, отпатуваа на југот на Франција каде што живееја нивните родители, за да ја поддржат мајка им додека таа ја апсорбира веста дека – како што сега вели Даријан – нејзиниот сопруг беше „еден од најлошите сексуални предатори во последните 20 или 30 години“. Набргу потоа, самата Даријан била повикана од полицијата – и нејзиниот свет повторно се распаднал.
Ѝ покажале две фотографии кои ги нашле на лаптопот на татко ѝ. На нив се гледа онесвестена жена како лежи на кревет, облечена само во маица и долна облека. Отпрвин, Даријан не можела да каже дека таа самата е жената.
„Доживеав ефект на дисоцијација. Имав потешкотии да се препознавам на самиот почеток“, вели таа. „Тогаш полицаецот рече: „Види, ја имаш истата кафеава бемка на образот… тоа си ти“. Тогаш различно гледав на тие две фотографии… Лежев на левата страна како мајка ми, на сите слики од неа“.
Даријан вели дека е убедена оти и татко ѝ ја малтретирал и силувал – нешто што тој секогаш го негирал, иако нудел спротивставени објаснувања за фотографиите.
„Знам дека ме дрогирал, веројатно поради сексуална злоупотреба. Но, немам никакви докази“, вели таа.
За разлика од случајот на мајка ѝ, нема доказ што Доминик Пелико можеби ѝ направил на Даријан.
„И тоа е случајот со колку жртви? Не им се верува бидејќи нема докази. Не се слушаат, не се поддржани“, вели таа.
Набргу откако на виделина излегоа злосторствата на нејзиниот татко, Даријан напиша книга. „Никогаш повеќе нема да го наречам татко“ ја истражува траумата на нејзиното семејство. Исто така, навлегува подлабоко во прашањето за хемиското злоставување, во кое лековите што вообичаено се користат „доаѓаат од семејниот кабинет за лекови“.
„Лекови против болки, седативи. Тоа се лекови“, вели Даријан. Како што е случајот со речиси половина од жртвите на хемиско злоставување, таа го познавала својот насилник: опасноста, вели таа, „доаѓа однатре“.
Сепак, кога Жизел реши да го отвори судењето за јавноста и медиумите за да открие што ѝ е направено од нејзиниот сопруг и десетици мажи, мајката и ќерката се согласија: „Знаев дека поминавме низ нешто … ужасно, но дека моравме да го поминеме достоинствено и со сила“.
Сега, Даријан треба да разбере како да живее знаејќи дека е ќерка и на мачителот и на жртвата – нешто што таа го нарекува „ужасен товар“. Таа сега не може да се сети на своето детство со човекот што го нарекува Доминик, само повремено се враќа во навиката да го нарекува татко.
„Кога ќе погледнам назад, навистина не се сеќавам на таткото што мислев дека е. Гледам директно на криминалецот, сексуалниот криминалец што е тој“, вели таа. „Но, јас ја имам неговата ДНК и главната причина зошто сум толку ангажирана за невидливите жртви е исто така и за мене начин да ставам вистинска дистанца со овој човек. Јас сум тотално различна од Доминик“, вели таа.
Даријан додава дека не знае дали татко ѝ бил „чудовиште“, како што некои го нарекуваат. „Тој одлично знаеше што прави и не е болен“, вели таа. „Тој е опасен човек. Нема шанси да излезе“.
Ќе поминат години пред Доминик Пелико (72) да добие право на условно ослободување, па можно е никогаш повеќе да не го види семејството.
Во меѓувреме, членовите на семејстото Пелико се обновуваат себеси. Жизел, рече Даријан, била исцрпена од судењето, но и „се опоравува… Добро ѝ оди“.
Единственото прашање што сега ја интересира Даријан е да ја подигне свеста за хемиското злоставување – и подобро да ги едуцира децата за сексуалната злоупотреба. Силата ја црпи од сопругот, браќата и нејзиниот 10-годишен „мил син“, со насмевка вели таа, гласот полн со љубов. Настаните што беа објавени тој ноемвриски ден ја направија она што е денес, вели Даријан. Сега, оваа жена чиј живот беше уништен од цунамито во ноемвриската ноќ се обидува да гледа само напред.