Француската балерина со македонско потекло Роксан Стојанов е прогласена за Ѕвезда на Париската Опера. Дваесет и деветгодишната примабалерина во Балетот на Париската Опера го доби признанието на 28 декември, по завршувањето на претставата „Пакита“, во која таа ја играше главната улога.
Стојанов, која е родена во градот Жер, на југот на Франција, по татко е Македонка, а по мајка Французинка. Во интервју за „РФИ“ вели дека отсекогаш ѝ зборувале дека оваа професија, иако убава, е тешка и дека не е за секого.
„Кога си мало девојче, мислиш дека сите танчари се ѕвезди“, вели таа.
Нејзините родители се преселиле во Македонија кога имала 8 години и ја запишале во балетско училиште. Првата улога ја имала на 9-годишна возраст, како Ѕвончица во претставата „Петар Пан“.
„Сеќавањето што го имам е од почетокот на часот е тоа како што го правам и денес: во сала, со вежби по прецизен редослед. Веднаш се воспоставува строгост да се запамети која вежба следи. Тоа е основа за сите танци“, вели таа.
Нејзината мајка е преведувачка и толкувачка. „Оваа двојна култура е ‘тоа мало нешто дополнително’ што ја издвојува, ѝ дозволува да ја храни нејзината уметност, дури и несвесно“, пишува „РФИ“.
„Многумина ми имаат кажано дека луѓето гледаат словенска страна во моето танцување. Учев преку Ваганова метод (метод на предавање класичен балет развиен од руската танчерка Агрипина Ваганова), така што овој стил и оваа строгост секако останаа со мене. Традиционално, во Македонија, играњето и пеењето се изрази на радост кои особено се среќаваат на свадбите. Иако сите ги знаат овие танци, јас земав часови по оро за да ги развијам народните танци, бидејќи имам желба да ги пренесам на помладата генерација“, вели таа.
По Скопје, семејството Стојанов се преселило во Брисел, каде учителката по танц на Роксан ѝ кажала за аудицијата за да се приклучи на Школата во Операта во Париз. На 12 години, младата девојка ја помина аудицијата на првиот обид, а авантурата започна.
„Плачев првите неколку месеци, плачев и следните години, затоа што на 17 години, со шест години во интернат за време на адолесценцијата, тоа е долго време. Но светот на уметноста ги бара овие жртви. Се разбира, тоа нѐ тера да растеме побрзо. Само треба да прифатите дека правилата на играта се различни. Ние уметниците имаме среќа, па си реков дека морам да си дадам средства да одам што е можно повисоко, што е можно побрзо“, вели балерината.
Во 2013 Роксан се приклучи на Балетот на Париската Опера откако првпат падна на приемниот испит.
„Често, испитите што не ги положив се оние што ме натераа да размислувам. Сите ние имаме одлично ниво, така што не можеме да го наречеме неуспех само по себе. Тоа сепак е успех, во смисла дека е предизвик што го земаш да настапиш на сцената. Помина заштитата на училиштето; сега треба да се качите по скалата за да ве забележат“, вели Стојанов.
После унапредувања и освоени награди, во 2022 стана прималаерина на Балетот.
„Сè се случи во вистинско време“, вели Стојанов.