Данска испратила приватни пораки до тимот на новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, изразувајќи подготвеност да разговара за зајакнување на безбедноста на Гренланд или за зголемување на американското воено присуство таму без да има право на островот, објави денеска американскиот портал за вести „Аксиос“, цитирајќи два извора.
Трамп, кој ја презема функцијата на 20 јануари, рече дека американската контрола врз Гренланд, полуавтономна данска територија, е „апсолутна неопходност“. Тој не ја отфрли потенцијалната употреба на воени или економски средства, меѓу кои и царински давачки против Данска.
„Аксиос“ објави дека данската влада сака да го убеди Трамп оти неговите безбедносни грижи може да се решат без да бара контрола врз за Гренланд. Портпаролот на транзицискиот тим на Трамп не одговори на барањето за коментар за текстот на „Аксиос“.
Данската премиерка Мете Фредериксен претходно оваа недела изјави дека побарала средба со Трамп, но не очекувала тоа да се случи пред неговата инаугурација. Премиерот на Гренланд Муте Егеде исто така рече дека е подготвен да разговара со Трамп, но повика да се почитуваат аспирациите за независност на островот. Данска претходно изјави дека Гренланд не е за продажба.