УПРАВЕН СУД ЈА ИЗВЕСТИЛ САМО ОПШТИНА КАРПОШ ДЕКА ЛЕГАЛНО СЕ ГРАДИ 17-КАТНИЦАТА ВО ЗАШТИТЕНА ЗОНА КАЈ ВОЕНА БОЛНИЦА

    УПРАВЕН СУД ЈА ИЗВЕСТИЛ САМО ОПШТИНА КАРПОШ ДЕКА ЛЕГАЛНО СЕ ГРАДИ 17-КАТНИЦАТА ВО ЗАШТИТЕНА ЗОНА КАЈ ВОЕНА БОЛНИЦАИнвеститорите никогаш не престанаа да градат и веќе на терен е поставена плоча и почнува да се гради првиот кат на зградата.(Фото: СДК.МК)

    Управниот суд го укина негативното мислење на Конзерваторскиот центар Скопје за изградба на 17-катницата кај Воена болница, соопшти Општина Карпош. Општина Карпош на 9 јануари објави дека Управниот суд го укинал негативното мислење и со тоа нема никакви пречки зградата да се гради. Од Конзерваторскиот центар ни изјавија дека до денеска немаат добиено никаква одлука од Управен суд.

    САКАМДАКАЖАМ.МК на 9 јануари испрати прашања до Управен суд за случајот, но од таму попладнево ни кажаа дека одлуката ќе биде објавена.

    Со укинување на негативното мислење се дозволува зградата да се гради во заштитено подрачје, односно според одлуката на судот, таа се гради легално. Оваа одлука на судот следи откако инвеститорите „ЗСФ Ком“ ДООЕЛ Скопје и „Делта 2015 Констракшн“ ДООЕЛ Скопје, поднесоа тужба на негативното мислење на Конзерваторскиот центар.

    Од граѓанската организација „Независни за Карпош“ кои имаат два советника во Советот на Општина Карпош по објавата на општинарите реагираа дека Управниот суд ја аминува корупцијата и прашуваат како е можно Општина Карпош да ја има пресудата, а никој друг да ја нема добиено.

    „Судијата го потврдува незаконското и криминално решение под превез на правна сигурност, а другото законско не го уважува. Инаку, Општина Карпош која не е странка во спорот ја има пресудата, а адвокатот на тужениот Конзерваторски центар уште ја нема добиено“, велат од „Независни за Карпош“.

    Од Општина Карпош велат дека „Независни за Карпош“ во континуитет вршат притисок врз сите институции во однос на зградата кај Воена болница..

    „Токму под нивни притисок Национална установа Конзерваторски центар – Скопје донесе незаконито решение кое сега Управниот суд го поништува и врз основа на тоа решение вршеа медиумски и секаков друг вид притисок вклучувајќи и притисок во Советот на општина Карпош да се поништи решението за градба. Доколку Општината потклекнеше на ваквиот притисок сега ќе требаше да плаќаат дебели отштети. Општина Карпош има одлични правници кои си ја знаат својата работа и стојат зад своите одлуки, а оние кои што во секое одобрение за градба гледаат незаконитост и корупција се само политички мотивирани нечии гласноговорници скриени зад независни“, велат од Општина Карпош.

    Од таму додаваат дека граѓанските организации реагираат само за зградата кај Воена болница, а не и за изградбата на комплекстот „Лимак“ кој е залепен до Музејот на град Скопје кој е споменик на културата.

     

    Конзерваторскиот центар во февруари лани го поништи позитивното мислење за изградба на зградата кое го потпиша ексдиректорот Константин Димитровски и врз основа на него Општина Карпош издаде градежна дозвола.

    Димитровски беше приведен како осомничен за дивјачко уништување на хотелот „Шар“, кој е културно наследство во Стара скопска чаршија. Тој за овој случај, како што објави Телма, признал вина и се спогодил со Обвинителството за условна казна. Добил две години затвор кои нема да ги одлежи ако пет години не стори ново кривично дело.

    По серијата текстови на САКАМДАКАЖАМ.МК и реакциите на стручната јавност и граѓанските организации дека дозвола за зграда не може да се даде за заштитено подрачје, Министерството за култура формираше работната група која оцени дека тоа е издадено спротивно на Законот за заштита на културно наследство. Потоа Конзерваторски центар донесе ново, негативно мислење во кои се оценува дека во овој дел не смее да се гради станбен и деловен објект.

    Но, и покрај тоа Општина Карпош не ја поништи градежната дозвола, а инвеститорите не престанаа да градат и веќе на терен е поставена плоча и почнува да се гради првиот кат на зградата.

    Според урбанистичкиот проект, зградата ќе биде со два ката деловни објекти и 17 ката станбен дел. Ќе има 420 станови, околу 2.000 жители и дневна фрекфенција на дополнителни 1.000 возила.

    Парцелата каде се предвидува да никне зградата се наоѓа во заштитено подрачје на зградата-споменик Воена болница, сегашната Градска општа болница (ГОБ) „8 Септември“, која има статус на споменик на архитектонско наследство од времето на брутализмот и е заштитен објект како културно наследство. Според Законот за заштита на културно наследство, за да може да се гради каков било објект и да се добие градежна дозвола од Општина Карпош, урбанистичкиот проект треба да го одобри Конзерваторскиот центар.

    Во соседството на ГОБ „8 Септември“ во Скопје не смее да има големи и високи објекти оти станува збор за болнички комплекс и нема да може да слетуваат хеликоптери. На просторот кај поранешна Воена болница има простор за слетување на воздухоплови во итни медицински случаи, и ако се изгради планираната зграда на 17 ката која е во непосредна близина на болницата, тие нема да може безбедно да слетуваат и полетуваат. Воена болница, меѓу другото, е одредена како Единица за прва реакција за НАТО силите во Косово и со оглед на тоа што во кругот на болницата има терен за итни медицински случаи, а во кругот е и поранешниот Воено-медицински центар што сега го користи Министерството за одбрана.

    Деталениот урбанистички план (ДУП) за Градска четврт 3 05 е донесен во 2013, во претходниот мандат на градоначалникот Стевчо Јакимовски. Во него на две катастарски парцели е вцртана една градежна парцела со број 6.1, на која е предвиден објект со намена А2 – домување во станбени згради, со приземје, 26 ката и поткровје и висина од 88 метри.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира