ПОНИШТЕНОТО КОНЗЕРВАТОРСКО МИСЛЕЊЕ ЗА 17-КАТНИЦАТА КАЈ ВОЕНА БОЛНИЦА СТИГНА ВО ОПШТИНА КАРПОШ, ОД ТАМУ ВЕЛАТ ЌЕ ГО РАЗГЛЕДААТ

    ПОНИШТЕНОТО КОНЗЕРВАТОРСКО МИСЛЕЊЕ ЗА 17-КАТНИЦАТА КАЈ ВОЕНА БОЛНИЦА СТИГНА ВО ОПШТИНА КАРПОШ, ОД ТАМУ ВЕЛАТ ЌЕ ГО РАЗГЛЕДААТПозитивното мислење,потпишано од ексдиректорот Константин Димитровски лани во ноември, беше поништено пред два дена откако работната група која ја формираше Министерството за култура оцени дека тоа е издадено спротивно на Законот за заштита на културно наследство. (Фото: СДК.МК)

    Поништеното конзерваторско мислење за изградба на 17-катницата кај Воена болница вчера е доставено до Општина Карпош. Со тоа, Општината сега треба да го поништи одобрението за градба бидејќи тоа е издадено врз основа на мислење кое е спротивно за Законот за заштита на културно наследство.

    На терен има градежна механизација и се изведуваат градежни работи, односно тие уште не се стопирани од Општината. Инвеститори на парцелата 6.1 за изградба на спорната зграда се „ЗСФ Ком ДООЕЛ“ и Друштвото за градежништво, трговија и услуги „Делта 2015 Констракшн ДООЕЛ“. Градежната дозволата за изградба на 17-катницата е издадена на 18 јануари, а станала правосилна на 1 февруари.

    Од Општина Карпош не кажуваат дали ќе ја поништат градежната дозвола за зградата среде болнички комплекс. Градоначаникот Стевчо Јакимовски не одговараше на нашите телефонски повици, а од неговиот кабинет само кусо ни одговорија дека ќе го разгледаат мислењето кое го добиле од Конзерваторскиот центар.

    Позитивното мислење, потпишано од ексдиректорот Константин Димитровски во средината на ноември лани, беше поништено пред два дена, откако работната група која ја формираше Министерството за култура оцени дека тоа е издадено спротивно на Законот за заштита на културно наследство.

    Парцелата каде се предвидува да никне зградата се наоѓа во заштитено подрачје на зградата-споменик Воена болница, сегашната ГОБ „8 Септември“, која има статус на споменик на архитектонско наследство од времето на брутализмот и е заштитен објект како културно наследство. Според Законот за заштита на културно наследство, за да може да се гради каков било објект и да се добие градежна дозвола од Општина Карпош, урбанистичкиот проект треба да го одобри Конзерваторскиот центар.

    Во соседството на Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ во Скопје не смее да има големи и високи објекти оти станува збор за болнички комплекс и нема да може да слетуваат хеликоптери. На просторот кај поранешна Воена болница има простор за слетување на воздухоплови во итни медицински случаи, и ако се изгради планираната зграда на 17 ката која е во непосредна близина на болницата, тие нема да може безбедно да слетуваат и полетуваат. Воена болница, меѓу другото, е одредена како Единица за прва реакција за НАТО силите во Косово и со оглед на тоа што во кругот на болницата има терен за итни медицински случаи, а во кругот е и поранешниот Воено-медицински центар што сега го користи Министерството за одбрана.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира