Дворовите на училиштата во Скопје се претворени во кафеани. Со дозвола на Општините, директорите на училиштата ги издаваат дворовите на приватни фирми под закуп, со образложение дека ќе се градат спортски терени кои за време на наставата ќе можат да ги користат и учениците.
После завршување на наставата, спортските терени ги користат спортски клубови или граѓани кои спортуваат до доцна во ноќта. Но, наместо само за спортски активности, во дворовите никнуваат кафулиња, во кои, иако се наоѓаат во воспитно-образовни институции на малолетници се точи алкохол, се прават родендени, забави, па дури и свадби.
Преку алатката Пријави проблем, САКАМДАКАЖАМ.МК доби реакции од граѓани кои наведуваат училишни дворови претворени во кафеани. Според анкетата, на територијата на Општина Центар како училишни дворови кои се изнајмени за спортски активности се наведуваат основните училишта „Димитар Миладинов“ и „11 Октомври“, во Општина Аеродром училиштето „Блаже Конески“, а во Општина Кисела Вода издадени се дворовите на училиштата „Круме Кепески“ и „Невена Георгиева-Дуња“. Во Општина Карпош издаден е училишниот двор на „Петар Поп Арсов“ за приватна градинка.
Во овие училишта кои се надлежност на Општините нема кафулиња, но граѓаните се жалат дека до доцна во ноќта има спортски активности и летно време има голема бучава.
Најекстремен случај за издадени дворови се средните училишта „Јосип Броз-Тито“ и „Георги Димитров“. Тие буквално се претворени во кафеани. Во гимназијата „Јосип Броз-Тито“, закупецот покрај кафуле кое работи преку цел ден и е буквално залепено до школото има поставено балон за фудбал, а низ дворот летно време има најразлични детски реквизити односно претворен е во игротека со лизгалки, лулашки, трамполини. Постојано во училишниот двор се организираат детски родендени и се точи алкохол, а исто така навечер се прават и забави.
Кафуле кое е заградено со стакло и во него се поставени греалки има и во дворот на гимназијата „Георги Димитров“. И во него може да влезе кој сака додека има настава, а навечер се прават забави, па дури и свадби.
Спортски терени со кафуле има и во средното училиште „Никола Карев“, а според пријавите кои ги добивме од граѓаните, во средното економско училиште „Арсени Јовков“ во Бутел дворот е издаден за автоперална.
Оваа пракса за издавање на училишните дворови под кирија трае со години. Објаснувањата на директорите се дека на тој начин училиштата ќе имаат дополнителни приходи кои ќе ги вложат во подобрување на условите.
Од Кабинетот на градоначалничката на Скопје Данела Арсовска велат дека дворовите не треба да се издаваат. Градот кој е задолжен за средните училишта донел одлука пред две години, со која во иднина се забранува склучување на нови договори за закуп.
„Училиштата не можат да склучуваат нови договори за издавање на училишните дворови од 2022, врз основа на одлука на Советот на Град Скопје која е потврдена и од Уставниот суд. За детали за поединечно училиште неопходно е да се обратите лично до училиштето“, велат од Град Скопје.
Од Општина Аеродром велат дека од осумте основни училишта на нивна територија, само во „Блаже Конески“ е издаден дел од дворот пред повеќе од 10 години.
„Во 2022 година, договорот беше делумно раскинат и постојниот угостителски објект беше затворен. Во моментов, под закуп е само еден мал дел, каде има постоечки спортски терен, а по завршувањето, договорот за закуп нема да биде продолжен. Општина Аеродром во иднина не планира да издава делови од училишните дворови, сѐ со цел непречено одвивање на наставата и на образовниот процес“, велат од Општина Аеродром.
Од Општина Кисела Вода велат дека единствените два објекта што се издаваат, но не се работи за цели дворови на училиштата, туку за т. н. балони односно затворени фудбалски терени, се во ОУ „Круме Кепески” и во ОУ „Кузман Шапкарев”.
„Општина Кисела Вода под раководство на актуелниот градоначалник Орце Ѓорѓиевски, интензивно самостојно работеше на изградба на спортска инфраструктура во дворовите на основните училишта – кошаркарски терени, поставување вештачка трева и истите се користат од страна на учениците и младите, но не во комерцијални цели. На овој начин, веќе и просторно е оневозможено на овие места да никнуваат кафулиња или друг тип на деловни објекти кои немаат цел да им користат на учениците и нивните потреби“, велат од Општина Кисела Вода.
Општина Центар не планира да ја прекине праксата на издавање на училишните дворови. Велат дека во нивните училишта нема кафеани во дворовите, туку само спортски терени.
„Од вкупно осум основни училишта на територија на Општина Центар во четири од нив се издадени спортските терени кои се наоѓаат во училишните дворови. Станува збор за училиштата ’11 Октомври’, ‘Димитар Миладинов’, ‘Кочо Рацин’ и ‘Јохан Хајнрих Песталоци’. Училиштата се посебни правни субјекти кои преку оглас ги издаваат училишните простори“, велат од Општина Центар.
Од Општина Карпош велат дека ниту еден двор не е издаден на приватна фирма и дека ниту едно школо тоа не смее да го прави.
А. АНТЕВСКА