„Блу ориџин“, вселенската компанија на Џеф Безос, ја лансираше својата прва ракета во орбитата во обид да ја предизвика доминацијата на „СпејсЕкс“ на Илон Маск. Ракетата „Њу Глен“ полета денеска од Кејп Канаверал во Флорида, но компанијата не успеа да го спушти главниот мотор или бустер на платформа во Атлантскиот Океан.
И Маск и основачот на „Амазон“ сакаат да го наполнат небото со сателити, да постават приватни вселенски станици и да организираат редовни цивилни летови до Месечината.
„Честитки за достигнувањето на орбитата во првиот обид“, напиша Маск на Икс.
По 20 минути лет, „Блу ориџин“ потврди дека 98 метри високата ракета го изгубила својот мотор, што компанијата планираше да го користи и за идни лансирања.
Ракетата е именувана според Џон Глен, првиот американски астронаут кој орбитирал околу Земјата пред повеќе од 60 години. Таа е помоќна од ракетата „Фалкон 9“ на „СпејсЕкс“ и може да носи повеќе сателити. Безос сака да ја користи ракетата во рамките на проектот „Кујпер“, чија цел е распоредување на илјадници интернет сателити во ниска орбита.
Безос ја основал „Блу ориџин“ пред 25 години, со намера милиони луѓе да живеат и работат во вселената.