Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ ќе го разреши вицепремиерот и министер за земјоделство, шумарство и рибарство Јосип Дабро, кој ноќеска поднесе оставка, кажа портпаролот на хрватската влада Марко Милиќ.
Тој додаде дека Пленковиќ синоќа разговарал со Дабро и му кажал дека објавените снимки како пука со пиштол укажуваат на непримерно однесување.
„Му рече дека очекува да поднесе оставка поради сите околности, нешто што господинот Дабро потоа го направи. Следствено на тоа, премиерот денеска ќе го разреши од должноста“, кажа Милиќ.
Дабро ноќеска поднесе оставка откако во јавноста протече снимка како испалува 15 куршуми низ отворен прозор додека се вози во приватен автомобил.