Доналд Трамп помилуваше околу 1.500 негови поддржувачи кои го нападнаа Конгресот пред четири години, потпишувајќи низа извршни наредби веднаш по инаугурацијата и враќањето во Белата куќа. Тој притоа нареди пуштање од затвор на припадниците на групите „Чувари на заклетвата“ и „Горди момци“, чиј лидер Енрике Тарио беше осуден на 22 години затвор.
Трамп потпиша извршни наредби за спречување на имиграцијата и за укинување на еколошките регулативи, но не ги покачи царините веднаш како што ветуваше. Најави дека би можел да воведе царини од 25% за Канада и Мексико на 1 февруари, додека Кина не ја спомна.
Само неколку часа порано, Трамп положи заклетва и стана 47. претседател на САД, претставувајќи се како спасител избран од господ да ја спаси нацијата.
„Бев спасен од господ за да ја направам Америка повторно голема“, кажа Трамп, кој преживеа два обида за атентат во кампањата.
Тој прогласи вонредна состојба на американско-мексиканската граница, што ќе му овозможи да распореди војска таму, потпиша наредба со која ќе се стави крај на политиката за доделување државјанство на оние кои се родени во САД и ги означи мексиканските наркокартели како терористички организации.
Трамп најави дека ќе поништи речиси 80 извршни наредби потпишани од Џо Бајден, кои ги опиша како радикални и уништувачки.
„Ќе се ослободиме од целиот рак предизвикан од администрацијата на Бајден. Ќе спроведам итно замрзнување на регулативата, што ќе ги спречи бирократите на Бајден да продолжат да регулираат“, кажа Трамп.
Тој додаде дека ги потпишал документите за формирање на Одделот за владина ефикасност, што ќе го води Илон Маск и го одложи спроведувањето на законот за забрана на ТикТок за 75 дена.
„Ќе видите многу добри работи. Ќе запреме некои војни“, кажа Трамп, тврдејќи дека војните во Украина и Газа немаше да се случат доколку тој беше на власт.