Доналд Трамп сугерираше без докази дека вчерашниот судир на патнички авион и хеликоптер во Вашингтон бил резултат на политиката на Федералната управа за воздухопловство (ФАА) да вработува поразновиден кадар. Тој притоа потпиша меморандум за укинување на практиките за различност, еднаквост и инклузија (ДЕИ) во воздухопловниот сектор, како и извршна наредба за назначување нов шеф на ФАА.
Причината за несреќата и натаму не е позната и нема докази дека напорите да се направи федералната работна сила поразновидна ја загрозиле безбедноста на авиосообраќајот. Истрагата повеќе се фокусира на тоа зошто во моментот на несреќата на работа бил само еден контролор, место вообичаените двајца.
„Политиката на ФАА доведе до вработување луѓе со сериозни интелектуални и психички попречености. Тоа е неверојатно. ФАА сака луѓе со сериозни попречености да бидат контролори на авиосообраќајот“, кажа Трамп.
Запрашан како може да ја обвинува практиката на ДЕИ за несреќата без да се знае кој е виновен, Трамп одговори:
„Тоа е здрав разум. Контролорите на авиосообраќајот треба да бидат гении од највисоко ниво“.
Поранешен функционер од ФАА кажа дека контролорите минуваат низ строги физички и ментални тестирања пред да бидат ангажирани.
Се верува дека никој од 67 луѓе во авионот и воениот хеликоптер не ја преживеал несреќата, иако досега се извадени само 28 тела во реката Потомак. Пронајдени се двете црни кутии од авионот и официјални лица кажаа дека првичниот извештај за причините за несреќата ќе биде објавен во рок од 30 дена.