Километарска колона луѓе го исполни булеварот Партизански одреди и оттаму продолжи кон Собранието на вториот протест во Скопје по повод трагичната смрт на 22-годишната Фросина Кулакова, која загина на пешачки премин на 29 јануари.
Иако еден од најмасовните изрази на револт и солидарност досега видени во Скопје, тоа беше постигнато со тишина и достоинство, со транспаренти и пароли.
„Секој еден може да е следен“, стоеше на големиот транспарент носен на челото на колоната, која тргна од пешачкиот премин кај Универзална сала, каде што младата модна дизајнерка од Неготино беше прегазена. Маршот го предводеа родителите и сестрата на Фросина Кулакова, кои неколку часа порано беа на протестот во Кавадарци. Се бараше правда за Фросина, но и затвор за таткото на 20-годишникот кој ја прегази.
Маршот имаше иста маршрута како првиот протест во петокот, па од Собранието се отиде кон Основното јавно обвинителство и Кривичниот суд.
Фросина Кулакова беше прегазена на пешачки премин од 20-годишниот Васил Јованов, кој возел пијан и без возачка дозвола и со голема брзина поминал на црвено.
Г. КОНЕВ