Во Франција е закажано судење на поранешен хирург обвинет дека сексуално злоставувал млади пациенти додека биле под анестезија. Тоа ќе биде најголемото судење за злоставување деца во Франција досега, а ќе почне подоцна овој месец.
Седумдесет и тригодишниот Жоел Ле Скуарнек е обвинет дека нападнал или силувал 299 деца меѓу 1989 и 2014, што најмногу се случувало во Бретања. Најголемиот дел од децата биле негови пациенти. Тој призна некои обвиненија, но не сите.
Судењето во Ван во северозападна Франција доаѓа по голема полициска истрага која траела неколку години и отвори прашања дали Ле Скуарнек бил штитен од неговите колеги и од директорите на болниците во кои што работел. Тој еднаш добил условна казна откако ФБИ ги предупредил француските власти дека посетувал сајтови за злоставување деца.
И членови на неговото семејство знаеле за педофилските активности на Ле Скуарнек, но не го запреле.
„Поради молчењето на семејството, тој продолжил да злоставува деца со децении“, изјави еден адвокат вклучен во случајот.
Ла Скуарнек е во затвор од 2017 кога бил уапсен за силување на негови внуки, шестгодишно девојче и на еден пациент. Во 2020 бил осуден на 15 години затвор.
По апсењето, полицијата во неговиот дом пронашла секс кукли во форма на деца, 300.000 фотографии со злоставување деца и дневник во кој тој на илјадници страници детално ги опишал нападите врз неговите млади пациенти за период од 25 години. Тој негирал дека напаѓал и силувал деца, тврдејќи дека описите се само негова фантазија.
Ле Скуарнек сега се соочува со над 100 обвиненија за силување и над 150 за сексуален напад.