Доналд Трамп предложи САД да го преземат Појасот Газа и да ги раселат Палестинците кои живеат таму, што беше осудено како од американските сојузници, така и од непријателите. Тој го изнесе овој предлог во Белата куќа на заедничката прес-конференција со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, велејќи дека САД би можеле да ја претворат уништената територија во „ривиера на Блиски Исток“.
„САД ќе го преземат Појасот Газа и ќе завршиме добра работа таму. Ќе го поседуваме и ќе ги тргнеме сите опасни неексплодирани бомби и други оружја, ќе го расчистиме подрачјето од сите уништени згради и ќе создадеме економски развој што ќе обезбеди илјадници и илјадници работни места. Тоа ќе биде нешто со што ќе се гордее целиот Блиски Исток“, кажа Трамп, на што Нетанјаху се насмеа неколкупати.
Трамп ги даде овие коментари додека на сила е кревкото примирје помеѓу Израел и Хамас, за време на кое двете страни разменуваат заложници и затвореници.
Египет, Јордан и американските сојузници на Блиски Исток веднаш ја отфрлија идејата за преселба на повеќе од два милиона Палестинци од Газа.
„Предлогот на Трамп е опасен и смешен и би можел да го вжешти и дестабилизира регионот“, изјави високиот функционер на Хамас, Абу Зухри.
Саудиска Арабија, која е клучен сојузник на САД, реагираше дека нема да воспостави врски со Израел без да се креира палестинска држава, што е спротивно на тврдењето на Трамп дека Саудијците не бараат формирање палестинска држава.
Трамп веќе предизвика големи бранувања на меѓународната сцена со барањата за преземање на Гренланд и Панамски Канал и засега е нејасно дали неговиот шокантен предлог за Газа е добро осмислен план.
„САД се спремни да ја направат Газа повторно голема. Газа мора да биде ослободена од Хамас и САД се подготвени да преземат водство. Нашата цел е траен мир во регионот за сите луѓе“, изјави државниот секретар Марко Рубио.