Шест од вкупно седум концесионери се веќе избрани на јавниот повик на Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство за давање под концесија на Охридско Езеро за стопански риболов. Концесијата го опфаќа риболовното подрачје на езерото во 7 зони и тоа Радожда, Калишта, Струга, Охрид, Воска, Пештани и Трпејца, а стопанисувањето со рибниот фонд ќе биде за период од 12 години.
Спортските риболовци се скептични за делот на контролата оти, како што велат, досега тешко се контролирал еден концесионер, а сега со седум концесионери тешко ќе се воведе контрола и грижа за заштитата на рибната популација.
Според Аријан Мероли, истражувач и експерт за заштитени подрачја, без да се направи детална анализа на рибниот фонд во Охридското Езеро, да се воведе унифициран систем за риболов и да се воспостави контрола во двете земји, издавањето на Охридското Езеро под концесија за стопански риболов нема да го заштити рибниот фонд.
Министерот за земјоделство шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски, пак, вели дека на овој начин ќе има подобра заштита на рибниот фонд. Најави и поголема контрола од инспекторите кои ќе ги ловат рибокрадците.
„Она што јас како министер во прв момент ќе го преземам е зголемување на капацитетот на инспекторите во земјоделскиот инспекторат, што ќе биде прв сигнал дека навистина сакаме да го враќаме редот на користење на рибите од Охридското Езеро. Во текот на наредните месеци се размислува и да се зголеми техничката опременост на овие инспектори, сѐ со цел да се елиминираат злупотреби во овој дел“, изјави неодамна Трипуновски.
Дека нелегално и во големи количини се лови риба на албанска страна призна и министерот Трипуновски. Рече дека ќе мора од корен да се менува законската регулатива, но не само кај нас туку и во Албанија, оти само така ќе се заштити рибниот фонд на Охридското Езеро.
Според препораките на УНЕСКО од 2020 и од лани, треба да се унифицира законот за рибарство на двете земји и да се направи студија за тоа колку риба има во Охридското Езеро за да се одреди начинот и количината на рибата која може да се лови, но до денес ова не е направено. Според Мероли, не се знае колку риба има, а се лови колку се сака.
„На Генералната сесија на УНЕСКО во 2021 година во Кина, беше кажано дека двете земји треба да изготват план за ревитализација на Охридското Езеро. Во 2023 планот за ревитализација беше испратен, но оттаму кажаа дека треба да се доработи оти не е добар. Спротивно на ова, имаме сега нови концесии. Проблемот е што Македонија и Албанија го немаат истиот систем за лов во Охридското Езеро. Албанија има една третина од езерото, а според статистиката на Министерството за земјоделство на Албанија, се лови околу 98 тони пастрмка, а во Македонија само 5 тони на две третини од езерото“, вели Мероли.
Според него, со новиот начин со кој за првпат ќе има седум концесионери, ќе има поголема контрола, но ќе мора инспекторите да се постојано на терен.
Охридското Езеро изминативе пет години е без концесионер откако последниот обид да се најде стопан пропадна во 2023. Поради негрижа за рибниот фонд, во 2020 државата ѝ ја одзете концесијата на струшката фирма „Летница белвица“ по само неколку месеци стопанисување со рибниот фонд во Охридското Езеро. Претходно беше одземена дозволата и на концесионерот „Пастрмка 2012“.
С. ВРЕНЦОВСКА