ОБВИНИТЕЛСТВОТО ЦЕЛ МЕСЕЦ НЕ ГО ВИКНАЛО НА РАСПИТ ЗАМЕНИК-ДИРЕКТОРОТ ШТО СЕ СЛИКАШЕ СО ОТЕПАНА МЕЧКА И СО ПУШКА

    ОБВИНИТЕЛСТВОТО ЦЕЛ МЕСЕЦ НЕ ГО ВИКНАЛО НА РАСПИТ ЗАМЕНИК-ДИРЕКТОРОТ ШТО СЕ СЛИКАШЕ СО ОТЕПАНА МЕЧКА И СО ПУШКАЗаменик-директорот на „Македонија пат“ и претседател на Унијата на ветерани на ВМРО-ДПМНЕ во Демир Хисар, Сашо Дранго, лани во декември се фотографирал со мртва мечка, а носи пушка со снајперски нишан. (Фото: Анима мунди)

    Заменик-директорот на „Македонија пат“ Сашо Дранго наредниве денови ќе треба да се јави на распит во Основното јавно обвинителство (ОЈО) во Битола, за предметот што по допрен глас против него го оформи обвинителството откако на втори јануари годинава беше објавена фотографија како тој позира со убиена мечка.

    „Во предметот се постапува во предистражна постапка, во рамките на која се прибираат докази за целосно испитување. Едно од дејствијата кои ќе се преземат во следните денови е распит на пријавениот. По завршување на сите проверки, ќе биде донесена јавнообвинителска одлука“, изјавија од Обвинитеството за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Невладината организација за заштита на животните „Анима мунди“ на почетокот на годинава објави фотографија на која заменик-директорот на „Македонија пат“ и претседател на Унијата на ветерани на ВМРО-ДПМНЕ во Демир Хисар, Сашо Дранго, се фотографирал со мртва мечка. Се смета дека фотографијата е од декември 2024. Дранго носи пушка со снајперски нишан, поради што од Здружението обвинија дека тој ја застрелал мечката, класифицирана како дивеч под заштита.

    Според македонското законодавство, за мечка има трајна забрана за лов, па отстрелот врз неа се казнува со затворска казна од една до пет години и парична казна од 18.000 евра ако мечката е постара од две години.

    По овие јавни обвинувања, заменик-директорот Дранго за ТВ „Телма“ изјави дека мечката со која позира на фотографијата била усмртена во сообраќајна несреќа на патот Битола-Ресен, по што со вработените од „Македонија пат“ ја тргнале од патот, а тој притоа се фотографирал со неа. Тврдеше дека за несреќата има и полицикси записник, но од битолската полиција негираа дека во декември лани имало таква пријава.

    По повеќе од еден месец откако веста ја разбранува јавноста, нема информација дека Дрнаго е повлечен од фунцијата заменик-директор во „Македонија пат“. Премиерот Христијан Мицкоски на 7 јануари изјави дека ќе биде итно резрешен и повикан на одговорност ако се потврдат тврдењата дека ја застрелал мечката.

    „Доколку се потврдат овие тврдења, ќе барам одговорност и ќе биде под итно разрешен. Апсолутно таквите девијантни однесувања доколку се потврдат, јас ниту ги оправдувам, ниту имам намера да ги амнестирам“, рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ по Божиќната литургија.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира