СИТЕ МИНИСТРИ ВЕТУВААТ, А СО ГОДИНИ НЕМА ОБРАЗОВНИ АСИСТЕНТИ ЗА СРЕДНОШКОЛЦИТЕ СО ДАУНОВ СИНДРОМ – ПОДКАСТ СО АНЧЕ ТУФЕКЧИЕВА, МАЈКА НА ДЕТЕ СО ДАУНОВ СИНДРОМ

    СИТЕ МИНИСТРИ ВЕТУВААТ, А СО ГОДИНИ НЕМА ОБРАЗОВНИ АСИСТЕНТИ ЗА СРЕДНОШКОЛЦИТЕ СО ДАУНОВ СИНДРОМ – ПОДКАСТ СО АНЧЕ ТУФЕКЧИЕВА, МАЈКА НА ДЕТЕ СО ДАУНОВ СИНДРОМАнче Туфекџиева, претседателка на здружението „Вера“ од Струмица кое нуди помош и поддршка на лицата со Даунов синдром и нивните семејства, бара родителите на лицата со попречености  да се консултираат кога се носат одредени законски решенија. (Фото: СДК.МК)

    „Сѐ уште нема образовни асистенти за учениците со попреченост во средното образование. Институциите и надлежните сериозно да се посветат на ова прашање, а не само декларативно да се залагаат“, вели Анче Туфекчиева, претседателката на здружението „Вера“ од Струмица кое нуди помош и поддршка на лицата со Даунов синдром и нивните семејства. Туфекчиева, чија ќерка е со Даунов синдром, во подкастот „За секого по нешто“ на САКАМДАКАЖАМ.МК, отворено кажа дека вистинско инклузивно општество ќе имаме само ако вистински работиме.

    Подкастот можете да го гледате тука:

    Нејзината ќерка е втора година во средното училиште „Јане Сандански“ во Струмица, отсек јазична гимназија. Таму е само четири часа, бидејќи за толку е ангажиран личниот асистент кој го има веќе три години на сметка на Општината.

    „Закон за средно инклузивно образование уште нема, иако министерката за образование најави дека од второто полугодие ќе биде донесен законот и лицата со попреченост вклучени во среднотото образование ќе имаат образовен асистент. Не знам што се чека и зошто не се носи, кога сите акти се готови. Како родители уште чекаме. Тоа е на штета на нашите деца, бидејќи образовниот асистент ќе има насоки од стручниот тим на школото и од професорите како и во кој дел ќе помагаат при совладување на наставниот материјал“, вели Туфекчиева за проблемот кој трае со години.

    Во земјава, како што вели таа, уште нема официјален регистар на лица со попречености. Со регистарот треба да се олеснат сите процедури за добивање на социјалните додатоци, за кои Туфекчиева смета дека се ниски. Тие добиваат од државата 7.800 денари. Таа бара родителите на лицата со попречености  да се консултираат кога се носат одредени законски решенија, бидејќи од една страна се грижат за своите деца, а од друга страна се борат и за егзистенција на своите семејства.

    „Сѐ додека родителите не се вклучат односно не се ислушаат при носење на важни промени, нема да се донесат правилно законите. Најважно е да се знае кој е проблемот на семејствата. Ние како родители не може да се вработиме на полно работно време оти некој ќе мора да биде со Верче дома. Еве вака, јавно, ќе ги потсетуваме и локалните и државните власти за нашите проблеми, а ги има многу. Сѐ уште останува проблем вработувањето, отворањето дневни центри, нема одговор што со овие лица после нашата смрт“, вели Туфекчиева.

    За да бидат прифатени лицата со попречености во заедницата, здружението „Вера“ со Туфекчиева веќе осум години по ред ја реализираат манифестацијата „Убави сме, свои сме“, за да се анимираат јавноста  и институциите дека и овие лица можат многу, само им треба подадена рака и поддршка од заедницата. Станува збор за манифестација каде лицата со попречености заедно со јавни личности чекорат по модна писта со пораки на единство, инклузивност, насмевки, добрина, емпатија.

    В. ТРАЈКОВ


     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира