Холивудската легенда Џин Хекман, неговата сопруга Бетси Аракава и нивното куче биле пронајдени мртви во различни простории од нивниот дом во Санта Фе и се чини дека починале пред некое време, објавија истражителите.
Телото на 95-годишниот Хекман било пронајдено во претсобјето, додека 63-годишната Аракава лежела во бањата веднаш до грејно тело. Близу Аракава имало и отворено шише со лекови и апчиња расфрлани на маса.
Полицијата верува дека двојката била мртва некое време зашто на телото на Аракава имало знаци на распаѓање и мумификација. За Хекман се сомневаат дека наеднаш паднал, додека кучето е пронајдено мртво во плакарот во бањата близу Аракава.
„Околностите на нивната смрт се доволно сомнителни што бараат сеопфатна истрага. Личноста која ги повикала итните служби ја пронашла влезната врата од имотот отворена“, стои во полицискиот извештај.
Дениз Авила, портпаролката на шерифот на округот Санта Фе во Ново Мексико, изјави дека нема сознанија дека некој од нив бил застрелан, ниту на нив се пронајдени некакви повреди.
Комуналното претпријатие ги тестирало линиите за гас во и околу домот откако биле откриени телата и не биле утврдени никакви знаци на проблеми. Еден детектив изјави дека луѓето изложени на истекување на гас или јаглерод моноксид можеби не покажуваат знаци на труење.
Хекман, еден од најзначајните американски актери од 1970-тите наваму, доби два оскара во кариерата долга повеќе од четири децении, во која забележа над 100 филмски улоги. Тој се повлече од глумата во 2004, по што се посвети на пишувањето книги и многу ретко се појавуваше во јавност.
Тој и Аракава беа во брак од 1991 и нема заеднички деца. Тие чувале три кучиња, од кои две се најдени живи. Куќата во која се случи трагедијата била изградена во 2000.