Петнаесет луѓе се ранети во Јужна Кореја, од кои двајца сериозно, откако два борбени авиона по грешка испуштиле осум бомби на цивилна област за време на воена вежба со боева муниција, објавија локалните медиуми. Инцидентот се случи во градот Почеон, близу границата со Северна Кореја.
Јужнокорејските воздушни сили соопштија дека покренале истрага и се извинија за штетата, додавајќи дека сите погодени ќе добијат обесштетување.
„Наши борбени авиони ‘КФ-16‘ по грешка испуштија осум бомби, кои паднаа надвор од зоната на гаѓање. Пилотот на еден од авионите внесол погрешни координати, што доведе до тоа бомбите да паднат во цивилна заедница“, кажаа воздушните сили.
Ќе се испитува зошто и вториот авион испуштил бомби. Не се пронајдени неексплодирани бомби.
Во инцидентот се оштетени црква и неколку куќи, а две лица имаат скршеници на вратот и рамената.
Јужна Кореја и САД ќе одржат заеднички воени вежби од 10 до 20 март, први откако Доналд Трамп се врати во Белата куќа.