СЕ ПЛАШАМ ДЕКА ЌЕ ИМ СЕ СЛУЧИ НАРОД НА ПЕТТЕМИНА ЧЛЕНОВИ НА СУДСКИОТ СОВЕТ АКО НЕ СИ ЗАМИНАТ ОТТАМУ, КАЖА ПРЕМИЕРОТ МИЦКОСКИ

    СЕ ПЛАШАМ ДЕКА ЌЕ ИМ СЕ СЛУЧИ НАРОД НА ПЕТТЕМИНА ЧЛЕНОВИ НА СУДСКИОТ СОВЕТ АКО НЕ СИ ЗАМИНАТ ОТТАМУ, КАЖА ПРЕМИЕРОТ МИЦКОСКИМицкоски предупредува и дека самоорганизираните протести би можеле да ескалираат. (Фото: Фејсбук)

    Премиерот Христијан Мицкоски денеска повторно предупреди дека народот ќе се самоорганизира и масовно ќе протестира ако не си заминат петтемина членови на Судскиот совет на кои парламентарното мнозинство им изгласа недоверба.

    На 11 март, Собранието им изгласа недоверба на петте члена на Судскиот совет, избрани од Собранието. Станува збор за членовите Весна Дамева, Селим Адеми, Миљазим Мустафа, Тања Чачарова-Илиевска и Павлина Црвенковска. Овие интерпелации не се обврзувачки за нив, па затоа владејачкото мнозинство ги повика да поднесат оставки.

    Мицкоски и синоќа, во интервју во емисијата „Само вистина” на ТВ Канал 5, најави протести ако не си поднесат оставки петтемина членови на Судскиот совет и рече дека тој ќе биде во првите редови на тие протести.

    Мицкоски и натаму смета дека тоа што не си поднесуваат оставка значи дека „тие бараат дупки во законите“, иако законот не обврзува да си поднесат оставки. Пред да бидат изгласани т.н. интерпелации против овие пет члена, самиот кажа дека разврските од нив, не се задолжителни за членовите на Судскиот совет.

    Денеска тој предупреди дека ако не си поднесат самите оставка, „ќе им се случи народ“. Но, не кажа дали во иднина, сега кога е мнозинска владејачка партија, ВМРО-ДПМНЕ ќе ги смени законите и ќе предложи измена со која отсега натаму членовите на Судскиот совет избрани во Собранието, пратениците ќе може да ги разрешуваат ако не се задоволни со нивната работа.

    „Гледаме дека поединци оттаму тераат инает. Мислат дека со инает ќе направат нешто. Јас сум постојано со народот и го слушам како реагира. Сакам да кажам дека ако не постапат по одлуката на тие што ги бираат, се плашам дека може да им се случи народ. Народот може да се самоорганизира и протестира зашто народот е желен за правда“, кажа Мицкоски денеска по посетата на општина Ѓорче Петров во Скопје.

    Мицкоски кажа дека протестот ќе биде голем, зашто ВМРО-ДПМНЕ освоиле 500 илјади гласови, важен дел од кампањата бил правда за сите, а не само за поединци и ако дојде до таква ескалација, тој протест може да биде многуброен и поддржан лично од него.

    На новинарско прашање, одговори дека не мисли оти врши упад во судството, но предупредува на народ, за да не биде некој, како што рече, фатен на спиење.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира