Најмалку 50 лица се загинати во дискотеката „Пулс“ во Кочани во која ноќеска избувнал пожар за време на концерт на групата ДНК, потврдија од МВР за МИА. Пожарот избувнал околу 3 часот, неофицијално поради употреба на пиротехнички средства на концертот на кој присуствувале околу 1.500 луѓе, по што настанало стампедо за излез.
Повредените се префрлени во болниците во Кочани и Штип. На Клиника за хируршки болести „Наум Охридски“ во Скопје досега има донесено 27 повредени и сите се во тек на обработка, ни рече директорот д-р Небојша Настов и најави информации за подоцна.
Според првичните информации на екипите на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и Центарот за управување со кризи (ЦУК) над 100 млади луѓе се повредени.
Директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов утрово изјави дека во моментов заедно со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев се во Кочани, се работи на собирање на информации по што ќе дадат официјална информација. Во Кочани е и премиерот Христијан Мицкоски.
Обвинителството соопшти дека сите надлежни служби, вклучително и јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кочани, се на терен. Бројот на жртви и повредени во пожарот се утврдува. Се уште се преземаат дејствија и се врши увид. Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, како и основните јавни обвинители на ОЈО Скопје и на ОЈОГОКК се на пат кон Кочани. На кочанското обвинителство ќе му бидат ставени на располагање сите капацитети на обвинителствата за итно постапување.
- ЕДЕН ОД ЧЛЕНОВИТЕ НА ГРУПАТА „ДНК“ Е НА ДОМАШНО ЛЕКУВАЊЕ ПО ПОЖАРОТ ВО ДИСКОТЕКАТА ВО КОЧАНИ, ДРУГИТЕ СЕ ВО БОЛНИЦИ ВО СКОПЈЕ И ВО ШТИП
- ПОВРЕДЕНИТЕ ОД ПОЖАРОТ СЕ ЛЕКУВААТ НА КЛИНИКИТЕ ЗА ПЛАСТИЧНА ХИРУРГИЈА, НА НЕВРОХИРУРГИЈА, КАРИЛ, ДЕТСКА КЛИНИКА, „8 СЕПТЕМВРИ“, „СВ. НАУМ ОХРИДСКИ“
СЛЕДЕТЕ ГИ СДК.МК И НАШИТЕ СОЦИЈАЛНИ МЕДИУМИ ЗА НОВИ ИНФОРМАЦИИ.