Ниту еден одговорен не смее да ги избегне правдата и казната по ужасната трагедија во Кочани, за која сѐ уште не можам да поверувам дека е реалност, кажа претседателката Гордана Силјановска-Давкова во своето обраќање. Во пожарот во дискотеката „Пулс“ утринава загинаа 59 лица на возраст од 14-25 години, главнината од Кочани.
Таа притоа нагласи дека веќе никогаш не смееме да ги жртвуваме стандардите и сигурноста на луѓето заради профитот и богатството на поединците.
„Да се сплотиме во болката, свесни дека смртта и болеста еднакво нѐ допираат сите. Не е време за делби и конфронтации, особено кога се во прашање млади луѓе, чиј живот за миг згасна поради самоволие, имровизација и манипулација. Без стандарди и правила не смее да функционира ниту една дејност и активност. Ниту еден одговорен овојпат не смее да ги избегне правдата и казната. Да не ја сквернавиме невината жртва на загинатите, да ги здружиме силите околу преживеаните и да не дозволиме никој повеќе да ги загрозува животите на невините луѓе. Никогаш повеќе да не ги жртвуваме стандардите и сигурноста на луѓето заради профитот и богатството на поединците. Ништо не е повредно од човечкиот живот“, кажа Силјановска-Давкова.
Таа им се заблагодари на земјите од регионот што веднаш реагираа и понудија помош за Македонија.
„Знам и чувствувам дека не сме сами оти веднаш се огласија не само соседите, туку и подалечните држави. Најтешко повредените се превезуваат во специјализирани клиники во Бугарија, Србија, Грција и Турција. Добрите луѓе од целиот регион, Европа и светот се со нас. Никогаш нема да го заборавиме овој добродетелски чин и вечно ќе им бидеме благодарни“, додаде таа.
Владата прогласи 7-дневна жалост на територија на целата држава по трагедијата во Кочани, и повика секој да се придржува до одлуката, „бидејќи казните за непочитување ќе бидат ригорозни“, се вели во соопштението по вонредната владина седница. Го задолжи и Државниот пазарен инспекторат во наредните три дена да изврши вонреден инспекциски надзор врз угостителски објекти (кабаре, ноќен клуб, дискотека и дискотека на отворен простор), на територијата на земјава и за наодите од надзорот веднаш да ја извести Владата, „за да се утврди фактичката состојба дали истите работат според стандардите ги исполнуваат условите согласно законите и прописите на државата“.
- КОЧАНСКАТА ДИСКОТЕКА СО 59 ЖРТВИ РАБОТЕЛА СО ФАЛСИФИКУВАНИ ЛИЦЕНЦИ, УАПСЕНИ ЕКСДИРЕКТОР И ВРАБОТЕНИ ВО ДИРЕКЦИЈАТА ЗА ЗАШТИТА И СПАСУВАЊЕ И ДРЖАВЕН СЕКРЕТАР ВО МИНИСТЕРСТВО ЗА ЕКОНОМИЈА, РЕЧЕ ТОШКОВСКИ
- КОЧАНСКАТА ДИСКОТЕКА ИМАЛА САМО ЕДЕН ПОМОШЕН ИЗЛЕЗ И НИСКИ ТАВАНИ, А ПРИСТАПОТ ЗА БРЗА ПОМОШ БИЛ БЛОКИРАН ОД ВОЗИЛА НА ГОСТИТЕ
Дискотеката „Пулс“ работела со фалсификувана лиценца, рече денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Тој кажа дека една година дискотеката немала лиценца и таа работела и поради мито и корупција.
„Осомничени се повеќе од 20-тина лица, околу 15 лица се во полициска станица. Дел од осомничените се починати, дел се во болница. Дел од приведените се луѓе кои имаат дирекна вина за овој кривично-правен настан, односно приведено е едно лице кое е организатор и имаме сомнение дека има директна вина. Приведени се поранешен државен секретар на Министерството за економија, раководител на сектор во ова Министерството, поранешен директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) како и тројца вработени“, рече Тошковски и кажа дека лицата по кои беше издадена потерница се најдени.