Обвинителството побарало краткотраен притвор додека се наоѓаат доказите за 8 од 11 приведени лица, додека останатите се во болница со тешки повреди од вчерашниот катастрофален пожар во необезбедената импровизирана дискотека „Пулс“ во Кочани, во која загинаа 59 лица од 14-25 години.
Од полициска станица сè уште не е вратен ни ексминистерот за економија Крешник Бектеши, кој синоќа беше повикан на информативен разговор. Судија на претходна постапка во Основниот суд Кочани во моментов одлучува за барањата за притвор, кажа Обвинителството.
„Синоќа се издадени повеќе дополнителни наредби, вклучително наредба за пребарување на серверите и на уште еден компјутер во Министерството за економија, како и наредба за графолошко вештачење на потписи на одредена документација. Увидот на лице место денеска продолжува“, соопшти Обвинителството.
Обвинителскиот тим кој работи на истрагата за утврдување на причините за катастрофата во Кочани од утрово е проширен и во моментов го сочинуваат: 2 јавни обвинитела од ОЈО Кочани, 2 јавни обвинитела од ОЈО Штип и 5 јавни обвинители од ОЈО Скопје.
Таму е и државниот обвинител Љупчо Коцевски, кој синоќа рече дека за катастрофалниот пожар има осомничени за разни тешки кривични дела: од тешки дела против сигурноста, преку примање и давање мито, до пуштање во промет на опојни дроги.
„Пропустите се големи. Слободно можам да кажам дека се работи за ерозија на системот“, кажа државниот обвинител Коцевски кој исто така е вчудовиден како можело воопшто некогаш оваа дискотека да добие лиценца за работа.
Јавните обвинители во предистрагата, рече тој, утврдиле дека објектот немал хидрантна мрежа, ниту хридрант. Имал само два противпожарни апарата. Немало 2 излезни врати за евакуација според бараните стандарди и квадратурата. Натаму, Коцевски кажа дека имало само една импровизирана, метална врата и заклучена однадвор.
„Внатрешноста на објектот била со гипс-картон без огноотпорни средства, немало спуштен таван со противпожарни материјали, ни систем за известување пожар, просторијата била обложена со запалливи материјали. Биле корист пиротехнички материјали без дозвола и без соодветна фирма. Констатирано е согласно имотниот лист на објектот, дека тој бил рњегиустриран за лесна индустрија и оти не била извршена пренамена за угостителска дејност. И покрај тоа, Министерството за економија им давало дозвола 15 години“, кажа Коцевски.
Во продолжение рече дека треба да се лоцира кривична одговорност која е кај повеќе лица, за тешки дела против општата сигурност и други кривични дела.
„Нема писмен договор меѓу организаторот и групата за организирање на концертот. Може да се работи за кривични дела за давање и приомање поткуп и за употреба на пиротехнички средства. Предизвикале опасност за животот и телото од огромни размери“, кажуваше Коцевски зошто овие деца и младинци платија со животите и со здравјето.
С. К. ДЕЛЕВСКА