МИЛЧО МАНЧЕВСКИ ПОБАРА ОД ЖЕРНОВСКИ МОРАТОРИУМ ЗА ГРАДЕЊЕ ВО ДЕБАР МААЛО, ИДЕЈАТА ИМА ШЕСТПАТИ ПОВЕЌЕ ГЛАСОВИ ОД ОНИЕ КОИ ЦЕНТАР ГИ РЕАЛИЗИРА

    МИЛЧО МАНЧЕВСКИ ПОБАРА ОД ЖЕРНОВСКИ МОРАТОРИУМ ЗА ГРАДЕЊЕ ВО ДЕБАР МААЛО, ИДЕЈАТА ИМА ШЕСТПАТИ ПОВЕЌЕ ГЛАСОВИ ОД ОНИЕ КОИ ЦЕНТАР ГИ РЕАЛИЗИРАИдејата со наслов „Здравјето пред профитот“ на општинската веб-платформа „Идеи за Центар“ ја постави режисерот Милчо Манчевски и го собори рекордот во добиени гласови од граѓаните. Градоначалникот Андреј Жерновски уште молчи. (Фото комбинација: СДК.МК)

    Центарци го обновија барањето до градоначалникот Андреј Жерновски за мораториум за градење во Дебар Маало и во Градски парк. Овојпат барањето му го испратија на веб-платформата „Идеи за Центар“, која Општината ја отвори со цел на граѓаните да им даде простор да ги претстават сопствените идеи за поубав Центар.

    Идејата со наслов „Здравјето пред профитот“ на веб-платформата ја постави режисерот Милчо Манчевски.

    „Предлагам Општина Центар да ги искористи сите законски и практични можности да прогласи мораториум на градење во Дебар Маало и Градски парк сѐ додека не се изработат и прифатат издржани научни студии за загаденост, густина на населеност и издржани сообраќајни решенија во Дебар Маало и Градски парк. На овој начин, Општината би требало да го запре влошувањето на квалитетот на живот и степенот на загаденост. Доколку постои волја, за ова постојат практични можности. Неразумно е профитот да биде поважен од здравјето“, напиша Манчевски.

    Неговата идеја го собори рекордот во добиени гласови од граѓаните. До синоќа, оваа идеја е поддржана со над 300 гласови.

    Граѓанската иницијатива „Во одбрана на Дебар Маало“ на фејсбук страницата подели упатство до жителите на Центар како да гласаат за идејата на Манчевски. Активистите од оваа иницијатива беа првите кои побараа мораториум за градење во Дебар Маало и подготовка на студии за квалитетот на живот како и степенот на загаденост.

    Со нив градоначалникот Жерновски во 2015 година потпиша меморандум во кој Општината се обврзува да ги избрише градбите во планот за Дебар Маало кои се неприфатливи за граѓаните. Меморандумот беше потпишан откако градоначалникот Жерновски јавно ги повика невладините организации и граѓаните да му помогнат во борбата за заштита на просторот од нови градби, но Меморандумот стана само еден документ на хартија повеќе. Градбите не се избришани, Општината постојано наоѓа различни оправдувања за незавршената обврска, а во прекин е и соработката со иницијативата „Во одбрана на Дебар Маало“ кои немаат добиено никакви известување од градоначалникот во врска со нивните барања, меѓу кои се и студиите за животната средна и загаденоста.

    Од граѓанската иницијатива велат дека на потег е градоначалникот, со оглед на тоа што добил идеја која има досега најмногу гласови кои ѝ даваат приоритет за реализирање. Зад оваа идеја, по бројот на гласови е идејата да се направи акција за стерилизација на улични миленици со 274 гласови, а 218 гласови добила идејата да се постават куќарки за бездомни миленици.

    Прагот на Општина Центар за склучување договор за реализација на идејата, според досегашните случувања, е 50 гласови. Толку освои предлогот за реновирање на игралиштето „Партизан“ во близина на Министерството за земјоделие, идеја која градоначалникот Андреј Жерновски пред десет дена најави дека ќе ја реализира оти добила најмногу гласови од жителите.

    Градоначалникот Жерновски нема коментар на идејата ниту пак известување дали ќе ја прифати и покрај тоа што е најгласана.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира