Судијата Оља Ристова, кривичар од Основниот суд Скопје 1, која со најновиот годишен распоред што ги шокира судиите во Кривичниот суд повторно е вратена во Судот за прекршоци, тврди дека работела под страшни закани. Ристова за САКАМДАКАЖАМ.МК зборува и за преместувањата кои ги извршиле експретседателот на судот Владимир Панчевски и в.д. претседателката Татјана Михајлова за да ѝ се одмаздат.
„Првиот пат од Кривичниот суд бев под казна преместена во Судот за прекршоци зашто како член на кривичен совет, место да гласам дека бомбите на опозицијата не може да се користат како докази во постапките на СЈО, јас се изјаснив дека тој совет е ненадлежен да одлучува. Панчевски ме викна кај него и ме праша: ‘Што, не сакаш да гласаш за отфрлање на бомбите?’. Јас му повторив дека сметам оти советот во Кривичен е ненадлежен да одлучува, особено поради тоа што и Апелациониот суд Скопје се огласи за ненадлежен. Веднаш после тоа следуваше казна. Панчевски ме прераспореди во Судот за прекршоци“, раскажува судијката Ристова за ланското прераспоредување.
По ова, таа со друг годишен распоред била вратена во Кривичниот суд. Но сега, со најновиот распоред на в.д. претседателката на Основниот суд Скопје 1 Татјана Михајлова, таа е однесена пак во Судот за прекршоци. Овојпат, друга е причината, вели судијката Ристова.
„Сега сум преместена поради критичките пишувања на мојот брат Боби Илиевски, поранешен новинар, кој има илјадници пријатели и следбеници на неговиот фејсбук профил. Бев повикана кај Панчевски и предупредена од него да му кажам на брат ми да престане да пишува за состојбите во Кривичниот суд. Јас му реков дека тоа е невозможно. Тој на Фејсбук објави и дека в.д. претседателката Татјана Михајлова поднесува претставки до Советот за утврдување факти за разрешување на колеги судии. Ја објави со фотографија. Лично таа води постапка за разрешување и против мене, со напомена во претставката: ‘Внимавајте, предметов против пријавената Оља Ристова да не застари, бидејќи судијата е крив’, што е прејудицирање на казна и е незаконски. Ова повторно преместување е лична пресметка на в.д. претседателката Михајлова со мене и секако, одмазда на Панчевски“, тврди Ристова.
„Бев постојано предупредена да престане брат ми да пишува, јас им кажав дека тоа не е возможно. Како можам да му забранам на брат ми или на кој било друг да пишува и слободно да зборува?“, вели Ристова за притисоците и заканите под кои работела во Основниот суд Скопје 1.
На нејзино место во одделот за малолетници во Кривичниот суд, доаѓа судијата од претходна постапка Весна Димишкова, која му издаде на СЈО наредба за претрес во Управата за безбедност и контраразузнавање, по што специјалната обвинителка Катица Јанева со тим од истражители влезе внатре и го зема потребниот доказен материјал за случаите „Тврдина“ и „Таргет“.
С. К. ДЕЛЕВСКА