Бојан Величковски е именуван за нов началник на Секторот за внатрешни работи (СВР) Штип, а Игор Јаковлевски на Одделението за внатрешни работи (ОВР) во Кочани. За нов командир на Полициската станица (ПС) во Кочани е Горан Миленковски.
По катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани со 59 жртви на 16 март, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на 18 март разреши седум началници од СВР Штип и од ОВР Кочани, меѓу кои и началниците на СВР Штип Дејан Салтировски и на ОВР Кочани Марија Маневска.
На 19 март, Обвинителството за организиран криминал и корупција, кое има специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција, донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против седум полициски службеници, кои имаат одговорност за доведување до катастрофален пожар во нестандардната дискотека во Кочани и сите добија притвор од 30 дена.
На 19 март, Тошковски кажа дека за дискотеката „Пулс“ имало пријави во полиција за кривични дела и нарушување на јавен ред и мир, но и покрај тоа во 2023 била издадена лиценца, а уапсените полициски службеници дале позитивно мислење дека ги исполнува сите услови. Тој рече дека дека службените лица вработени во СВР Штип и ПСО Кочани изготвувајќи, потпишувајќи и одобрувајќи позитивна согласност му овозможиле на правното лице да се стекне со лиценца за вршење угостителска дејност кабаре иако објектот не ги исполнувал законските услови за работа.
„Првиот, како главен инспектор за сообраќајни работи во Одделението за полиција во СВР Штип, и вториот, како самостоен инспектор за планирање резервен состав, превенција и справување со кризни состојби, констатирале дека кабарето ги исполнува законските услови во делот на заштита на јавен ред и мир и во делот на сообраќај. Третиот, како началник на Одделение за полиција во СВР Штип, и четвртиот како началник на СВР Штип, одобриле и потпишале известување до Министерството за економија во кое е констатирано дека кабарето ги исполнува законските услови и со тоа што не извршиле целосна проверка пред да го издадат мислењето сториле незаконитост. Петтиот, како документарист во Полициска станица на Општина Кочани, изработил телеграма во која не навел точни податоци дека во близина на кабарето има пријавени нарушувања на јавен ред и мир и пријавени кривични дела, додека шестиот како заменик-командир и седмиот како началник на Одделение за внатрешни работи Кочани, иако знаеле дека има повеќе нарушувања на јавен ред и мир во кабарето и во близина на кабарето, ја потпишале и одобриле телеграмата. Со тоа, како службени лица не постапиле согласно прописите и мерките за заштита и не извршиле целосна проверка и со тоа предизвикале опасност по животот на луѓето“, рече Тошковски.
Т. ЈОВАНОВСКИ