Директорката на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија д-р Јасмина Ѓоргиевска-Павловска денеска апелираше до повредените во пожарот во Кочани да не земаат мелеми од домашно производство за третман на изгорениците. Во пожарот во дискотеката „Пулс“ на 16 март загинаа 59 лица, од кои 6 деца, а над 200 беа повредени, меѓу кои 25 деца.
Директорката кажа дека тим од Клиниката вчера бил во Кочанската болница и утврдиле дека нема доволно кадар и материјали, и затоа со Министерството за здравство се организираат да се обезбеди сѐ што е потребно за пациентите со полесни повреди да не мора да доаѓаат во Скопје.
„Ми кажаа дека на социјалните мрежи се продаваат мелеми за изгореници. Апелирам да не се користат домашни креми за третман на изгореници бидејќи не знаеме од какво потекло се. Има група на доктори во Кочанската болница, кои ги третираат изгорениците во стерилни услови. Мелемите не се направени во стерилни услови, а тоа ни е потребно за да ги сведеме инфекциите на минимум“, кажа д-р Ѓоргиевска-Павловска.
Министерот за здравство Арбен Таравари рече дека денес во Скопје се лекуваат 24 пациенти, од кои 9 ќе бидат испишани на домашно лекување, а во странство има 108, од кои осуммина денес се враќаат.
Б. НЕСТОРОСКА