КИЛО ЈАГНЕШКО Е 700 ДЕНАРИ, ШТИПСКИТЕ СТОЧАРИ СЕ ЖАЛАТ ДЕКА ОТКУПНАТА ЦЕНА И ГОДИНАВА Е НИСКА, А МЕСОТО СЕ ПРОДАВА ТРИПАТИ ПОСКАПО

    КИЛО ЈАГНЕШКО Е 700 ДЕНАРИ, ШТИПСКИТЕ СТОЧАРИ СЕ ЖАЛАТ ДЕКА ОТКУПНАТА ЦЕНА И ГОДИНАВА Е НИСКА, А МЕСОТО СЕ ПРОДАВА ТРИПАТИ ПОСКАПОЈагнињата се откупуваат и покрај главните патишта (Фото: СДК.МК)

    Во Штипско и годинава се повторува ланската слика, па јагнињата повторно се откупуваат каде било. Се откупуваат и од самите трла, но и покрај главните патишта. На Велешкото Брдо, покрај обиколницата за Штип, Гевгелија и Скопје, се мереа јагниња и од еден камион се префрлуваа во друг.

    „И годинава имаме многу ниска откупна цена, речиси на исто ниво од лани. Имаше периоди кога јагнето се откупуваше за 210-220 денари за килограм жива мера, а сега се откупува за 220-230 денари за килограм. И таа цена е ниска, треба да биде над 280 денари“, вели еден велешки сточар.

    Разлика во цената на обработено јагне има од град во град. Во некои градови веќе се продава за 700 денари. Во месарниците во Штип јагнешкото месо се продава за 650 денари за килограм. Во велешките месарници, од кои некои имаат свои кланички капацитети за домашниот пазар, јагнешкото засега се продава 100 денари поевтино.

    Од откупната цена се незадоволни и бројните сточари во Штипско и Карбинско, кои веќе завршиле со откупот на јагнињата и тоа по цена од 210-220 денари за килограм жива мера.

    „Оваа откупна цена е премногу ниска, дури и пониска од лани. Се изменија и условите на субвенционирање. Се зголеми субвенцијата за откупено јагне од 2.000 на 3.000 денари, но се укина надоместокот од 1.000 денари за заклано јагне. А, условот да се добие субвенција е задолжително да се дадат во кланица најмалку 50 отсто од вкупниот број грла од регистрираното стадо. Ако тоа брои 500, за да добиете субвенција ќе мора да дадете во кланица најмалку 250 јагниња“, велат сите сточари од овој крај со кои разговаравме.

    Според нив, годинашнава откупна цена е ниска, посебно ако се земе предвид фактот што сточната храна е поскапена за 70 проценти, а високи се и трошоците за работната сила задолжена за чување на стадата.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира