В. д. директорот на Специјализираната болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“ во Скопје, Мухсин Арифи е осомничен за примање поткуп за да згрижи пациент во установата, соопшти Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК). Оттаму велат дека јавен обвинител денеска донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две лица, од кои едното е осомничено за кривично дело – Примање поткуп од член 357 став 5 во врска со став 2 од Кривичниот законик, а другото за помагање при извршување на тоа кривично дело.
Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје им се определи мерка притвор во траење од 30 дена заради постоење Опасност од бегство, Влијание врз сведоци и Основано сомнение дека може да го повторат делото.
Арифи на функцијата е назначен како кадар на Алијанса за Албанците (АА) на министерот за здравство Арбен Таравари.
Министерството за внатрешни работи (МВР) соопшти дека до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против М. А. (35) од Скопје, и Б. А. (49) од Скопје.
Обвинителството вели дека првоосомничениот, како службено лице директор на Болницата, во периодот од 19.03.2025 до 08.04.2025 година, во неколку прилики директно побарал значителна имотна корист за себе за да изврши службено дејствие што би морал да го изврши. Поткупот го побарал од сведок во постапката – давател на доживотна издршка за лице кое боледувало од повеќе состојби и на кое по лекарски препораки и упатување му било потребно болничко згрижување во наведената установа. Кога сведокот се обратил во установата бидејќи состојбата на пациентот се влошувала, била известена дека пациентот е ставен на листа за чекање за прием.
По неколку дена добила повик од второосомничениот, кој и закажал средба со директорот на Установата на 19.03.2025 година во вечерните часови во еден угостителски објект во Скопје. На средбата, првоосомничениот лично кажал дека знае оти пациентот е материјално добро ситуиран, за што имал податоци и за недвижниот имот кој го поседува, па ветил помош за сместување ако биде награден со 100.000 евра. Жената-сведок реагирала дека тоа се многу пари, на што директорот предложил до бараната сума да се дојде преку продажба на недвижниот имот – стан кој го поседувал пациентот, што не било опција бидејќи станот бил опфатен со договор за доживотна издршка.
„На 03.04.2025 година била реализирана средба меѓу сведокот и помагачот, како лице во кое директорот имал целосна доверба, а на 04.04.2025 година повторно сведокот се сретнал со двајцата осомничени. Конечно било договорено сведокот да даде 20.000 евра како гаранција за да го смести пациентот во болницата, а доколку првоосомничениот ‘со проверки’ утврди дека пациентот има и дополнителен недвижен имот тој имот да се продаде за да се обезбеди вкупно побараниот износ од 100.000 евра. Согласно овој договор, на 08.04.2025 година жената-сведок се сретнала со второосомничениот, кој влегол во нејзиното возило и во име на директорот директно примил износ од 20.000 евра, по што на лице место бил фатен од страна на полициските службеници. Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени“, соопшти Обвинителството.
Од Министеството за здравство вчера соопштија дека „Министерството се залага за што побрзо расчистување на случајот од страна на Јавното обвинителство во врска со наводите за примање поткуп од раководно лице во јавна здравствена установа.
Министерството за здравство стои на располагање доколку се потребни какви било информации по службена должност. Наш приоритет останува обезбедување најсоодветна грижа за сите пациенти во јавните здравствени установи“.
Алијанса за Албанците (АА) на министерот за здравство Арбен Таравари по вчерашното приведување на директорот, кој на функцијата е назначен како кадар на оваа партија, рече дека секој кој се огрешил пред законите мора да понесе одговорност, без разлика на етничка, верска или политичка припадност.