Директорот на Управата за извршување на санкциите Александар Пандов денеска на прес-конференција во Владата кажа за настан кој се случувал вечерта на 20 февруари во затворот „Штип“и завршил со кривични пријави, а чии главни актери се надворешни дилери на дрога, два затвореника, затворски полицајци и кучка по име Цеца.
Пандов кажа дека до затворот било пуштено возило без да биде евидентирано. Едно од лицата кои биле во возилото, стигнало до затворскиот ѕид и преку него префрлил во дворот топка со дрога. Внатре пратката ја чекале двајца затвореници. Додека затворениците барале низ тревата, на припомош им дошле уште неколку затворски полицајци на кои им било кажано да бараат рачен часовник. Тоа им го кажал затвореник кој тврдел дека часовникот му го грабнала миленичето Цеца, кучка која живееле во затворот. Топката била најдена наредниот ден. Во неа имало камуфлирани 35 грама кокаин и околу 50 грама марихуана.
„Затвореникот Ж. Ж. си играл со кучката Цеца. Имал скап часовник, кој морам да потенцирам дека го нема пријавено кога бил донесен, иако мора да го пријави. Рекол дека часовникот му го има земено кучката Цеца и дека трчала низ тревникот и го изгубила, па овие за да му излезат во пресрет го бараат часовникот“, рече Пандов.
Тој кажа дека по откривањето на топката со дрога, била формирана дисциплинска комисија. Тројца од петтемина членови на комисијата гласале дека колегите од затворското обезбедување не се виновни, бидејќи искрено верувале дека бараат грабнат часовник од кучката Цеца.
За брзо време возилото било идентификувано, како и дилерите кои ја уфрлиле топката со дрога во затворскиот круг. Поднесена е и кривична пријава против сите учесници во настанот.
Досега Обвинителството нема дадено соопштение дека е поведена истрага за случајот.
Пандов кажа дека во некои затвори, 50 отсто од вработените се корумпирани, но дека и оваа состојба ја наследиле од претходната власт и треба време за да се исчисти корупцијата во затворскиот систем.
С. К. ДЕЛЕВСКА