Сослушувањето на претпоследниот обвинет, Александар Ѓорчевски, татко на убиеното девојче Вања Ѓорчевска од Скопје, продолжи со вкрстени прашања од обвинителката Жаклина Крстевска-Јосифовска, која поради непостоење на материјални докази за комуникација со првообвинетиот Љупчо Палевски, во детали ги истражува околностите околу неговата невработеност, која траела по подолги периоди.
„До петто одделение учев со Радмила Шеќеринска со која бевме првенци на генерација. Сакаа да ни ги сецираат мозоците со Радмила да видат што имаме во главите, во мозоците. Потоа во тинејџерските денови попуштив со учењето. Ме запиша татко ми во средно економско училиште, за полесно да ме вработел”, одговараше Александар, за кого обвинителката тврди дека бил слаб ученик, потоа наркозависник од хероин, невработен, често без приходи и поради тоа наводно учествувал во заговорот да ѝ се бараат пари на мајката на Вања за откуп, бидејќи знаел дека била поимотна и поситуирана од него.
Обвинителството сака да докаже дека лично тој му кажал на Палевски кога излегува Вања за на училиште.
Крстевска-Јосифовска преку прашањата сака да го дискредитира сведокот-обвинет Александар Ѓорчевски, поставувајќи му прашања околу неговата улога како бебиситер на Вања и помалата сестра, додека сопругата Зорица заработувала за семејството, кога биле во брак. Додека таа сака да расчисти како е можно да ги губи сите работни места и да седи без приходи подолги периоди, Ѓорчевски одговараше дека жена му Зорица работела зашто платата ѝ била поголема додека тој се грижел за Вања и сестрата.
Вања без исклучок оди сама на училиште секој петок наутро, а нејзината сестра тој ден почнува од втор час. Неуспешен обид за грабнување на Вања имало тој петок, потврдија и обвинетите Влатко Кешишев и Велибор Манев.
Вања е грабната, а потоа и убиена утрото на 27.11.2023 година, понеделник.
На 26.11.2023 година (недела) помалата сестра е известена дека нема да го има првиот час утредента на 27.11, кога е грабната Вања.
„Може и порано го знаевме тоа, имаме конверзација до Зорица”, рече Александар.
„Значи од сите обвинети овде, само вие знаете дека Вања на 27.11 ќе оди на училиште сама?”, прашуваше обвинителката.
„Логично, да”, рече Александар.
„Точно ли е дека вечерта на 26.11 во 21.20 часот пративте порака во вибер групата: ‘Утре ќе биде ѕивра. Плус извадете топли ствари уште сега: хулахопки, чорапи, чизмички, маици, плус блуза, плус јакна, плус шал… Ракавици не мора, можете да ги брцнете во џеб’. Со поракава ги спремавте децата за на планина, или за на училиште?”, праша обвинителката, алудирајќи на тоа дека знаел оти ќе биде грабната Вања и привремено чувана додека мајка ѝ не плати откуп за неа.
„Суштината беше да се облечат топло, зашто тогаш за првпат беше најавуван како најстуден ден таа зима. Познавајќи ги децата дека нема да ме фермаат, ѝ ја препратив пораката на Зорица за таа да ги наговори. Тие се тинејџерки, изгледот им е поважен од здравјето и секако не нѐ послушаа ни мене, ни Зорица и си се облекоа фенси, по нивно”, одговори Ѓорчевски.
Испрашувањето продолжува.
Обвинети за киднапирањата и убиствата на Панче Жежовски и Вања Ѓорчевска се Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишев и Александар Ѓорчевски
С. К. ДЕЛЕВСКА