ПОЛИТИЧАРИТЕ ТРЕБА ДА ГИ РЕШАВААТ ПРОБЛЕМИТЕ ПРЕКУ ДИЈАЛОГ, А НЕ СО НАПАДИ И НАВРЕДИ, ВЕЛАТ ОД ИНСТИТУТОТ ЗА КОМУНИКАЦИСКИ СТУДИИ

    ПОЛИТИЧАРИТЕ ТРЕБА ДА ГИ РЕШАВААТ ПРОБЛЕМИТЕ ПРЕКУ ДИЈАЛОГ, А НЕ СО НАПАДИ И НАВРЕДИ, ВЕЛАТ ОД ИНСТИТУТОТ ЗА КОМУНИКАЦИСКИ СТУДИИНа дискусијата беше промовирана публикацијата „Гордиевиот јазол на штетните наративи во политиката и во медиумите“. (Фото: К. Попов)

    Политичарите треба да работат на деполитизација, а комплексните прашања важни за општеството да ги решаваат преку дијалог, наместо преку популизам, напади на лична основа и поткопување на довербата во институциит, беше кажано на денешната панел-дискусија огранизирана од Институтот за комуникациски студии (ИКС).

    На дискусијата беше промовирана публикацијата „Гордиевиот јазол на штетните наративи во политиката и во медиумите“.

    „Штетните наративи во политичката комуникација создаваат токсична јавна сфера и придонесуваат кон продлабочување на поделбите и поттикнуваат нетолеранција, Од друга страна, медиумите имаат одговорност кон јавноста која вклучува и обврска да избегнуваат креирање штетни наративи, но и да го оневозможат ширењето на штетните наративи кои ги произведуваат политичките актери. Одговорното новинарство мора да го постави јавниот интерес како приоритет, спротивставувајќи се на манипулативните практики со критичка анализа и професионални стандарди“, се вели во препораките на публикацијата.

    Водичот е финале на големото истражување „Мерење на политичките штетни наративи“ (ШТЕТ-НА), спроведено од Институтот за комуникациски студии (ИКС) во соработка со голем број истражувачи и експерти од областа на комуникациите и на медиумите, новинари и медиумски професионалци. Тој има цел да ги претстави и објасни штетните наративи во македонскиот политички дискурс, користејќи различни студии на случај кои беа детектирани за време на деветмесечниот мониторинг. Во публикацијата детално се анализираат вкупно шеснаесет политички штетни наративи, се сублимираат согледувањата за прекршување на стандардите и начелата на политичката комуникација и медиумското известување, но истовремено се нудат и препораки наменети за политичките актери и за новинарите.

    На дискусијата учествуваа пратеници, новинари и медиумски експерти кои дискутираа за последиците од токсичната реторика врз јавниот дискурс.

    Потпретседателката на Собранието, Весна Бендевска, која го отвори настанот рече дека штетните наративи не се својствени само во анализираниот деветмесечен период, туку дека се одлика во политичката комуникација со години. Таа посочи дека најмногу ја загрижуваат нападите со кои целосно се дискредитираа политичарот од спротивниот табор.

    Според претседателот на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) Младен Чадиковски, новинарството не треба да биде реакција на политичката агенда, туку двигател на вистинските прашања.

    „Слободата на говор мора да се штити, но не смее да биде параван за говор на омрази и дискриминација. Медиумите не смеат да бидат мегафони на политичките актери, нивна задача е да проверуваат, анализираат и да контекстуализираат“, рече Чадиковски.

    Истражувањето ШТЕТ-НА и водичот „Гордиевиот јазол на штетните наративи во политиката и во медиумите“ се дел од проектот „Користи факти“, поддржан од Британската амбасада во Скопје.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира