Европската комисија ќе предложи седум „безбедни трети земји“ во кои членките на ЕУ ќе можат да ги враќаат барателите на азил, стои во документ што го видел сајтот „Еурактив“. На листата се Бангладеш, Колумбија, Египет, Индија, Косово, Мароко и Тунис.
Концептот за безбедна трета земја дозволува баратели на азил да бидат испратени во земја каде што можат да најдат заштита, наместо да останат во државата во која што аплицирале.
Во март, Комисијата предложи нови обврзувачки правила за враќање на мигрантите, за кои сега дебатираат земјите од ЕУ и европратениците. Списокот ќе биде вклучен како амандман во регулативата за процедурата за азил на ЕУ, дел од миграцискиот пакт усвоен минатата година. Предвидено е да се спроведе во 2026 година.
Конечниот список треба да биде објавен пред јуни, дознава „Еурактив“.