Основното јавно обвинителство Прилеп и Финансиската полиција од утрово вршат претреси на повеќе локации во градот поради сомнежи за финансиски злоупотреби на Прилепската болница.
„ОЈО Прилеп постапува во предистражна постапка поради сомненија за кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување, а поврзано со финансиското работење на болницата. Обезбедени се наредби за претрес на осум локации, а дејствијата ги презема Управата за финансиска полиција. По претресите, предистражната постапка ќе продолжи со други дејствија за обезбедување докази”, соопшти Обвинителството.
Сегашниот директор на Прилепската болница Кире Јоноски, за случајот вели дека останува на истата изјава што ја дал пред неколку месеци кога стапил на раководната функција, а забележал големи неправилности во финансиското работење. Тој тогаш изајви дека болницата ја наследиле од претходното раководство во катастрофална состојба со огромен долг и обврски од речиси 193 милиони денари (над 3 милиони евра).
„Меѓу другото се трошело на скапи телефони, поточно на најнови ‘ајфони’, на два електрични тротинета, односно трошено е на 73 мобилни броеви кои не се сметководствено евидентирани. За 2024 година до месец август биле потрошени повеќе од 6 милиони денари (над 97.000 евра) со готовинско плаќање директно од касата на некои фиктивни лица. На пример, за косење трева без договор и платен данок. Се организирале родендени во игротеки и се плаќале од касата. Затекнавме големи суми за ресторантски услуги, репрезентации, фактурирани од повеќе ресторани од Прилеп, книжени на конто кујна во кое се подразбира храна за пациенти. Се јаделе пици, пастрмајлии, се пиеле виски и вино. Се плаќале високи аванси на фирми за споредни услуги, за едукација на медицински сестри, а ниедна медицинска сестра во болницата не знаела за тоа. Со еден збор болницата била фирма за сè“, рече Јоноски.
Претходната директорка Кети Смилеска беше недостапна на телефон за да одговори на ваквите обвинувања.
Ж. ЗДРАВКОВСКА