Србија денеска доби нова влада, на чие чело ќе биде лекарот Ѓуро Мацут. Тој на премиерската функција го наследи Милош Вучевиќ, кој поднесе оставка кон крајот на јануари, преземајќи одговорност за нападот врз студенти во Нови Сад.
На денешното гласање во парламентот, Мацут и владата добија поддршка од 153 пратеници, 46 беа против, а 51 пратеник беа отсутни.
Мацут важи за еден од водечките ендокринолози во Србија и е редовен професор по интерна медицина и ендокринологија на Медицинскиот факултет во Белград. Тој кажа дека во неговиот мандат нема да се менува економската политика на Србија.
Новата влада ја сочинуваат 30 министри, од кои голем дел беа и во кабинетот на Вучевиќ. Марко Ѓуриќ останува министер за надворешни работи.