САД ќе се откажат од обидите да склучат мировен договор помеѓу Русија и Украина ако наскоро нема јасни сигнали дека може да се постигне примирје, предупреди американскиот државен секретар Марко Рубио. Тој кажа дека Вашингтон сака да помогне да се заврши војната, но е спремен да се повлече ако во скоро време нема знаци на напредок.
„Нема да продолжиме со нашите напори со недели и месеци. САД имаат и други приоритети на кои треба да се фокусираат“, изјави Рубио.
Тој вчера се сретна со европските лидери во Париз за да разговараат за Украина.
„Мора да го решиме ова многу брзо и притоа зборам за денови. Ако тоа не се случи, ние се повлекуваме“, кажа Рубио.
САД досега имаа неколку разговори со Русија и Украина, но Владимир Путин не го прифати планот за целосно примирје, инсистирајќи да се исполнат некои руски барања.
„Претседателот Трамп има многу силни чувства за ова и посвети многу време и енергија. Ова е важно, но има и многу други навистина важни работи кои се случуваат, а кои заслужуваат исто толку, ако не и повеќе внимание“, кажа Рубио.
Засега нема реакција од Париз, Лондон, Берлин, Москва и Киев за коментарите на Рубио, кои уследија по најавениот напредок околу договорот за минерали помеѓу САД и Украина. Двете страни потпишаа нацрт-договор, а неговото официјализирање треба да се случи на 26 април.