Вирален тренд на социјалната мрежа „ТикТок“ за чоколадо со ф’стаци предизвика значајни последици врз пазарот на фстаци, особено во САД и Иран, кои се најголеми производители.
Чоколадна лента полнета со крем од зелени ф’стаци, позната како „Дубаи чоколадо“, стана исклучително популарна по серија видеа споделени на „ТикТок“ кон крајот на 2023 година. Првото видео кое го фали вкусот на скапото чоколадо е прегледано над 120 милиони пати, поттикнувајќи голем број слични објави.
Резултатот е меѓународен недостиг на клучната состојка – јатки од ф’стак. Според Џајлс Хакинг од компанијата за трговија со јаткасти плодови „Си-Џи Хакинг“, цените за една година скокнале од 7,65 на 10,30 долари за 450 грама.
Недостигот беше дополнително влошен поради минатогодишната слаба жетва во САД, водечкиот светски извозник. Иако родот бил помал, бил со повисок квалитет, па ф’стаците главно се продавале цели, во лушпа, што создало дополнителен недостиг на јатките кои се користат за чоколадото. Истовремено, иранските производители извезле 40% повеќе ф’стаци во Обединетите Арапски Емирати во шесте месеци до март, споредено со претходните 12 месеци.
Манијата по „Дубаи чоколадото“ започна со креацијата на чоколатеријата „Фикс“ од Емиратите, која комбинира млечно чоколадо, крцкави тенки кори познати како кадаиф и крем од ф’стаци.
Други водечки производители на чоколади, како „Ладерах“ и „Линдт“, брзо создадоа свои верзии на производи со ф’стаци, но сега се борат да ја задоволат меѓународната побарувачка. Чарлс Жандро, генерален менаџер на „Престат Груп“, која поседува неколку луксузни британски брендови на чоколади, изјави за „Фајненшл тајмс“ дека побарувачката ја изненадила индустријата.
„Како да се појави од никаде. Одеднаш го гледате во секоја продавница“, рече тој.
Некои продавници, наводно, го ограничуваат бројот на чоколади што може да се купат одеднаш, што сведочи или за моќта на инфлуенсерите на „ТикТок“, или за веќе докажаната привлечност на вкусното чоколадо.