Американскиот претседател Доналд Трамп ја искористи својата велигденска честитка во неделата за да упати остри критики кон политичките неистомисленици, судството и поранешниот претседател Џо Бајден.
На својата социјална мрежа „Трут Соушл“, Трамп објави порака во која им честита Велигден на сите, вклучително и на „радикалните левичарски лудаци кои толку силно се борат и коваат заговори за да вратат убијци, нарко босови, опасни затвореници, ментално неурамнотежени и добропознати членови на бандата МС-13 и тепачи на сопруги во нашата земја“.
Критиките доаѓаат и ден откако американски судија ја стопираше политиката од времето на Трамп која дозволуваше брза депортација на стотици мигранти. Во велигденската порака, Трамп ги нарече судиите и службениците за спроведување на законот „слаби и неефикасни“, обвинувајќи ги дека дозволуваат „злобен напад врз нашата нација… толку насилен што никогаш нема да биде заборавен“.
Трамп го нападна и својот претходник Џо Бајден, кого го нарече „деструктивен морон“, тврдејќи дека тој намерно дозволил милиони криминалци да влезат земјата. Понатаму, тој го нарече Бајден „далеку најлош и најнекомпетентен претседател“, човек кој немал поим што прави, и упати честитки и до оние кои, според Трамп, „ги наместил претседателските избори во 2020 година“ за да го изберат Бајден.