Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја повика Русија на вистински прекин на нападите со дронови и ракети врз цивилната инфраструктура на Украина во траење од најмалку 30 дена. Зеленски го обвини рускиот претседател Владимир Путин за „Пи-Ар вежба“ откако еднострано прогласениот велигденски прекин на огнот, кој започна во саботата навечер, беше прекршен илјадници пати од страна на руската војска. Иако примирјето беше објавено само од Русија, Кремљ ја обвини и Украина за прекршувања.
Цитирајќи извештај од врховниот командант на Украина, Олександр Сирски, Зеленски изјави дека Русија сè уште користи тешко вооружување и дека и во неделата е забележано зголемување на руското гранатирање.
„Ако Русија не се согласи на таков чекор, тоа ќе биде доказ дека има намера да продолжи да ги прави само оние работи што уништуваат човечки животи и ја продолжуваат војната“, кажа Зеленски.
Во меѓувреме, украински војници изјавија за новинската агенција Франс-Прес (АФП) дека забележале затишје на фронтот.
Командант на единица за дронови рече дека руската активност е „значително намалена и во регионите Запорожје и Харков… Беа забележани неколку напади, но тоа беа изолирани инциденти со мали групи. Помалку момци [војници] ќе загинат“.
Друг војник, Сергиј, во порака за АФП изјави дека „[руската] артилерија не работи. Тивко е во споредба со редовен ден“.
Новинарите на АФП кои ја следат ситуацијата во источна Украина слушнале помалку експлозии од вообичаено и не виделе чад на хоризонтот.