Најмалку девет луѓе загинаа, а повеќе од 60 се ранети во ноќешниот голем руски напад врз Киев, во кој биле користени балистички проектили и дронови. Градоначалникот Витали Кличко изјави дека паднати остатоци од дронови предизвикале пожари и дека се стравува дека има затрупани луѓе под урнатините на погодени станбени згради.
„Меѓу повредените се и шест деца и една трудница. Пожари избувнаа на шест локации“, кажа Кличко.
Министерот за внатрешни работи Игор Клименко изјави дека има затрупани луѓе под урнатините, од каде што можат да се слушнат телефонски повици, додавајќи дека две деца се водат како исчезнати.
Експлозии се регистрирани и во Харкив, каде што се повредени најмалку две лица, кажаа локалните власти. Украинските воздушни сили кажаа дека речиси сите региони биле под закана од воздушен напад.
Пред руските воздушни напади, Доналд Трамп го обвини Володимир Зеленски дека им штети на мировните преговори со своите изјави дека Крим никогаш нема да биде руски.
„Никој не бара од Зеленски да го признае Крим како руска територија, но ако го сака Крим, зошто не се бореа за него пред 11 години. Изјавите на Зеленски само го продолжуваат убивањето, а никој не го сака тоа“, кажа Трамп.