Доналд Трамп го осуди денешниот руски воздушен напад врз Киев, во кој загинаа најмалку осуммина луѓе.
„Не сум среќен со рускиот напад врз Киев. Тоа не беше неопходно и дојде во лошо време. Владимир, мора да запреш! 5.000 војници умираат неделно. Ајде да склучиме мировен договор“, напиша Трамп на својата социјална мрежа.
Само ден претходно, Трамп го обвини Володимир Зеленски дека им штети на мировните преговори со своите изјави дека Крим никогаш нема да биде руски.
Во најсмртоносниот напад врз Киев од јули минатата година има и повеќе од 70 ранети, а властите стравуваат дека има и затрупани луѓе под урнатините на погодените згради.
Украинските воздушни сили објавија дека Киев бил нападнат со 11 балистички ракети, 55 крстосувачки проектили, четири лизгачки бомби и 145 дронови, од кои голем дел биле пресретнати. Во одбраната од нападот учествувале и борбени авиони „Ф-16“ и „мираж“, што Украина ги доби од западните сојузници.
Русија тврди дека цел на нападот била воената инфраструктура и дека биле погодени сите предвидени мети.