Рускиот генерал Јарослав Москалик е убиен во експлозија на автомобил-бомба во градот Балашиха во московскиот регион, потврдија руските власти.
„Според првичните информации, во експлозијата загина генерал-полковникот Јарослав Москалик. Експлозијата веројатно била предизвикана од импровизирана направа наполнета со шрапнели“, изјави портпаролката на Рускиот истражен комитет.
Полицијата кажа дека отворила истрага за убиство и за шверц на експлозиви.
Државните медиуми објавија снимка од безбедносните камери, кои покажуваат моќна експлозија близу станбена зграда во моментите кога пешак поминува покрај возилото.
Педесет и деветгодишниот Москалик беше заменик-началник на Главната оперативна управа на вооружените сили на Русија, која е одговорна за планирање воени операции и за надгледување на борбената готовност.
Прорускиот телеграм канал „Меш“ објави дека автомобилот бил препродаден трипати од јануари, а последниот купувач бил 40-годишен жител на украинскиот град Суми.